16.10.2012, 13:47 Визите ќе го уништат европскиот сон на Западниот Балкан
Европратеничката Тања Фајон наведува дека ситуацијата со барателите на азил не е толку загрижувачка како што некои ја претставуваат и може да се контролира
Словенечката европратеничка Тања Фајон денеска објави дека со голема загриженост ги следи неодамнешните изјави и барања на неколку претставници на земји членки на Европската унија за повторно воведување на визи за граѓаните на Западен Балкан.
Фајон, која е член на Одборот за надворешни работи на Европскиот парламент, во своето писмо до медиумите наведува дека тоа ќе претставува голем чекор назад во реинтеграција на земјите пристапнички и голем удар за Европската визија за граѓаните на Западен Балкан.
- Бројот на баратели на азил е нешто значително, но ситуацијата не е толку загрижувачка како што некои ја претставуваат и не е невозможно таа да се контролира, порача Фајон.
- Треба да сториме се` што е во наша моќ визната либерализација да не биде укината. Слободното патување претставува едно од највидливите достигнувања за земјите на нивниот пат кон ЕУ. Ќе претставува голема опасност да се затвори вратата и да се стави регионот во изолација, отколку да се води дијалог и со заеднички напори на сите земји да се надмине проблемот, а тоа е економската ситуација што ги принудува луѓето да ги напуштат своите земји, нагласува европратеничката.
Според неа во Европскиот парламент постои притисок за донесување на заштитна клаузула, односно механизам на суспензија, кој беше предложен во пролетта 2012 година од страна на Европската комисија. Откако механизмот за привремена суспензија на безвизниот режим ќе биде усвоен, земјите членки ќе имаат правна основа за привремено суспендирање на визниот режим за земјите за кои станува збор, додава Фајон.
Европратеничката истакнува дека спротивно на тврдењата на некои медиуми, земјите членки не се во позиција да донесат таква одлука. Единствена можност е тие да бараат промена на регулативата со додавање на некои земји на т.н. црна Шенген листа, што исто така претстаува долга законодавна постапка.
Фајон, членка на Комитетот за надворешни работи на ЕП, нагласува дека треба да се прифати сериозноста на ситуацијата, истовремно повикувајќи ги сите одговорни и компетентни политичари во регионот да направат се што е во нивна моќ со цел да не се загрози слободата на граѓаните од Западен Балкан слободно да патуваат во земјите од Шенген зоната. |