16.10.2012, 13:24 „Борис Трајковски“ доби акустика по светски стандарди
Акустичната изолација во арената на спортскиот центар „Борис Трајковски“ комплетно заврши на 1 октомври. Акустиката во арената ќе биде промовирана на концертот на Слаткаристика на 2 ноември
Од СЦ „Борис Трајковски“ информираат дека акустичната изолација ја поставиле специјално обучени лица, кои во период од три недели работеле на поставување на акустичните плочи на покривната конструкција во арената во која се одржуваат концертите. Проектот го изработи ММЛ инженеринг, а изведувач на градежните работи е Проинг инженеринг.
- Акустиката во арената беше нешто кое го критикуваа сите посетители на концертите кои барем малку се музички едуцирани. Тоа беше доволно ние да се ангажираме и да го реализираме проектот. Со овој зафат придонесовме Скопје да има достојна арена за реализација на секаков тип концерти. Изведбата беше со цел да се намалат мили секундите на доцнењето на звукот кои беа 9, а сега изнесуваат само 2, што е речиси ништо и нема теоретска можност да се почувствува и е во подобра состојба од сите арени во регионот, се вели во писмената изјава на директорот на СЦ „Борис Трајковски“, Ратко Капушевски.
Во однос на овој проект, наведува Капушевски, сметам дека ги задоволивме потребите најпрвин на промоторите да имаат пониски трошоци во организацијата на настаните кон озвучувањето. - Во втор план сметам дека преку Владата докажавме оти имаме слух за секаков тип критика кој е упатен на наша адреса, вели Капушевски.
СЦ „Борис Трајковски“, како што се наведува во изјавата, е успешна капитална инвестиција која во форма на општествено-јавно добро со својот широк спектар на услуги придонесува за градот од повеќе аспекти (спорт, култура, забава, рекреација, бизнис и сл.).
Капушевски најави уште проекти кои ќе имаат за цел да придонесат кон развој на главниот град и подигнување на стандардот на живеење на граѓаните.
|