16.10.2012, 12:39 Германски компании заинтересирани за инвестирање во енергетскиот сектор
Германски компании се заинтересирани за инвестиции во енергетскиот сектор во Македонија преку изградба на мали хидроелектрани. Како дел од проектот за извозен потенцијал на германското Сојузно министерство за економија и технологија, претставници на пет фирми од Германија ги претставуваат своите искуства и резултати од нивните проекти во искористување на потенцијалите на обновливите извори на енергија пред македонски стопанственици.
На конференција на тема „Мали хидроелектрани големи шанси за Македонија“ што се одржува денеска во Скопје, стопанственици и експерти од двете држави ги анализираат потенцијалите на македонскиот пазар и регулативата.
Со оглед на умерениот раст на македонската економија и застарените капацитети за производство на електрична енергија, но и обврските кои произлегуваат од Енергетскиот договор на ЕУ, во Македонија се вложуваат се поголеми напори за користење на обновливи извори на енергија. До 2020 година 21 процент од македонската потрошувачка на енергија треба да потекнува од обновливи извори на енергија. Во таа насока македонскиот Закон за енергетика на производителите на електрична енергија од ОИЕ им гарантира атрактивни повластени тарифи.
Пред германските стопанственици беше потенцирано дека во производството на електрична енергија фокусот е ставен на користењето на хидроенергијата, односно преку модернизацијана постоечките хидроелектрани, како и изградба на нови мали хидроелектрани. Проценките на надлежните институции покажуваат дека техничкиот искористлив потенцијал на хидроенергијата изнесува 5.500 гигават-часови. Во 2007 година беше распишан тендер за изградба на мали хидроелектрани на 400 локации, а до јули годинава се потпишани 68 договори за изградба.
Германските компании покрај информациите што ги добија за македонскиот пазар, на конференцијата ќе имаат и индивидуални средби со стопанственици и претставници на државни институции. Тие гледаат можност за настап на македонскиот пазар преку пласман на технологија за хидроелектрани, како и во областа на консалтингот и пренесување на знаења.
|