15.10.2012, 13:29 Санино: Визната либерализација важи ако не се злоупотребува
Ова е пораката што генералниот директор на Генералниот директорат за проширување ја упати во Скопје, по средбата со македонскиот вицепремиер за евроинтеграции, Теута Арифи
Визната либерализација за Македонија и за земјите од регионот ќе важи сe додека нема поголема нејзина злоупотреба.
Ова е пораката што генералниот директор на Генералниот директорат за проширување Стефано Санино ја упати во Скопје, по средбата со македонскиот вицепремиер за евроинтеграции, Теута Арифи, неколку дена по најавите на дел од европските земји дека ќе побараат враќање на визите за земјите од западен Балкан поради наплиот на лажни азиланти.
„Визната либерализација останува една од главните постигнувања што успеавме да ја имплементираме за сите земји од регионот. Но, исто така, главна поента е дека сакаме да осигураме дека ова не е злоупотребено, дека системот не се злоупотребува. Европската унија обрнува блиско внимание, вклучувајќи ја и Европската комисија за начинот на кој системот е менаџиран и на злоупотребите на системот. Пораката е дека ќе остане сe додека системот нема да создаде големи проблеми и дисфункционалности во Европската унија", рече Санино.
Вицепремиерот Арифи порача дека властите ја следат ситуацијата и ќе продолжат со активностите за минимум злоупотреби на безвизниот режим со земјите од Шенген.
„Како и секоја година, ние останавме ангажирани да има минимум злоупотреби на визната либерализација. Мислам дека ќе се придржиме до истите активности", изјави Арифи.
Ваквата реакција уследи по барањето на пет земји членки на Унијата, кои најавија враќање на визите за граѓаните на Македонија и Србија, земји од кои според неколкуте членките на ЕУ, доаѓале лаѓни туристи, кои потоа барале политички азил.
|