16.10.2012, 12:57 Контејнерите ќе се заменат со нови пластични
Двесте контејнери во центарот на градот до крајот на годинава ќе бидат заменети со нови, пластични. Идејата на ЈП „Комунална хигиена“ е постепено да се изврши замена на сите обични контејнери со цел градот да добие поубав изглед, а истовремено и да се зголеми свеста на граѓаните за начинот на положување на отпадот. Контејнерите за органски отпад ќе бидат црни, а за пластика жолти. Тие за пет-амбалажа ќе имаат специјален катанец и можност за нивно празнење ќе имаат само комуналците, со цел да се избегне пребарувањето на контејнерите од дивите собирачи на пластика.
„Идејата за замена на контејнерите постои од поодамна и конечно ќе почнеме да ја реализираме. Во план е до крајот на годинава да замениме 200 контејнери, а потоа во наредните три години да извршиме замена на сите низ градов, околу 4.000“, вели Ракип Дочи, директор на „Комунална“. За набавка на контејнерите, претпријатието ќе троши пари од сопствениот буџет.
Инаку, „Комунална“ почна со реализација на идејата за поставување прес-контејнери покрај големите маркети и други субјекти кои исфрлаат големи количества картон, хартија и друга амбалажа која може да се пресува. Засега таков контејнер е поставен кај маркетот „Карфур“ во „Скопје сити мол“, а наскоро ќе се постават и на други локации.
„Ова претставува современ начин на собирање на отпадот. Предноста е што нема непријатни миризби, нема разнесување на отпадот, а пофункционално е и за маркетите“, вели Дочи. (Дс.Т.)
|