16.10.2012, 10:37 Почнува ТЕХНОМА 2012
Двеста учесници и вкупно шестотини фирми од Македонија, регионот и светот ќе се претстават на 38. Меѓународен саем на металургија, електроника, енергетика, неметали, градежништво, обезбедување и заштита - ТЕХНОМА 2012 што од денеска до 20 октомври ќе се одржи во Скопје.
Саемот ќе го отвори министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми.
Во рамки на саемот во Метрополис арената организирани национални претставувања ќе имаат 15 компании од Грција и исто толку од Словенија, 20 компании од Хрватска и 10 компании од Бугарија. Овие компании за разлика од останатите, организирано доаѓаат преку своите стопански комори.
Веднаш по отворањето на саемот ќе се одржи тркалезна маса на која ќе се разговара за можностите за поврзување и развој на малите и средни претпријатија. На тркалезната маса ќе учествува и министерот за економија Ваљон Сарачини.
И годинава на саемот присутни се големите компании од енергетскиот и металуршкиот сектор како Макстил, ОКТА, Сименс...
Освен тркалезната маса што ќе се одржи на почетокот на саемот, в четврток во организација на Агенцијата за енергетика е организирана и конференција за енергетска ефикасност на која ќе се дебатира за начините како да се заштеди енергијата кај големите компании.
Напоредно со саемската манифестација ТЕХНОМА 2012 се одржуваат и две придружни манифестации и тоа Саемот за занаетчиство и мало стопанство, како и Изложбата на пронајдоци МАКИНОВА. Во програмата на изложување има околу 100 иновации и дизајн од кои 50 се од регионот, а 50 се трудови од младинското творештво.
За време на саемот ќе се одржуваат работилници и презентирање на кампањата Добра идеја. |