14.10.2012, 16:48 Сарачини: ЕК генерално со позитивни оценки за економијата
Министерот за економија потенцира дека ЕК за првпат признала реализиран напредок во однос на справувањето со стечаите
Според министерот за економија Ваљон Сарачини, извештајот на Европската комисија во делот на економијата генерално е позитивен и тоа во услови на криза, кога економијата е сериозно нарушена. „Во Македонија се бележи прогрес во одредени сегменти, а констатирани се и слабости. Министерството за економија и Владата ќе работат напорно за следниот Извештај да биде многу подобар од овој што го имаме“.
Министерот за економија потенцира дека ЕК за првпат признала реализиран напредок во однос на справувањето со стечаите. Во период од 2011 и август 2012 година, бројот на отворени стечаи е 32 отсто повисок што значи побрзо постапување, додека истовремено просечното времетраење по ликвидација е намалено. Овој процес и понатаму ќе продолжи, најави Сарачини, преку електронскиот стечај и системот во Централниот регистар.
Во Извештајот, како забелешки за економијата се нотирани недостигот од квалитетна работа сила, малиот буџет за малите и средни претпријатија и занаетчиството. Не задоволува и искористувањето на европските фондови за претприемаштво и иновации. (Ек.Р.) |