15.10.2012, 08:49 Коалицијата на Ѓукановиќ победи на изборите во Црна Гора
Владејачката коалиција „За европска Црна Гора“ предводена од Демократската партија на социјалистите на вчерашните парламентарни избори освои 45,4 проценти од гласовите, според 91 отсто од преброените гласачки ливчиња, соопшти Централната изборна комисија.
Според овие резултати Коалицијата ќе има 39 пратенички места во 81-члениот Парламент.
За опозицискиот Демократски фронт се изјасниле 23,9 проценти од гласачите, што ќе му донесе 20 места во Парламентот.
Социјалистичката народна партија освои 10,6 отсто од гласовите (девет пратенички места) и коалицијата „Позитивна Црна Гора“ - 9,6 проценти (седум мандати).
Другите коалиции и партии освоиле од 0,1 до 4,5 проценти од гласовите. Во новиот состав на Парламентот ќе има претставници на националните малцинства - Бошњаци, Албанци и Хрвати.
И покрај успехот на владејачката коалиција на Мило Ѓукановиќ, првпат по изборите од 2001 година, пет години пред земјата да прогласи независност, нема да има апсолутно мнозинство во Парламентот.
Вчерашните избори беа предвремени откако црногорскиот Парламент се самораспушти во јули. Основна задача на новиот парламентарен состав ќе биде преговарачкиот процес за членство во Европската унија. |