16.10.2012, 09:49 Хилари Клинтон презема одговорност за настаните во Бенгази
Во пресрет на вечерашната втора дебата меѓу Барак Обама и Мит Ромни, во рамките на претседателските избори во САД, државниот секретар Хилари Клинтон ја презема одговорноста врз себе за нападот врз американскиот конзулат во либискиот град Бенгази во кој беа убиени амбасадорот и уште тројца Американци.
- Одговорноста запира кај мене, изјави државниот секретар Клинтон. Таа додаде дека никој повеќе од неа не сака да се дојде до вистината за нападот во Бенгази, кој првично беше оценет од Белата куќа и Стејт департментот како спонтан напад предизвикан од навредлива видео снимка за муслиманскиот пророк Мухамед, но за кој сега институциите во Вашингтон потврдуваат дека се работело за добро планиран и организиран напад.
- Го познавав амбасадорот Крис Стивенс, лично го замолив да биде во Бенгази за време на либиската револуција, и лично го номинирав за амбасадор бидејќи не знаев да подобра личност да ги претставува САД во Либија, додаде Клинтон.
Ова прашање е едно од најсериозните обвинувања кои Ромни може да ги упати кон претседателот Обама, на денешната дебата, но особено на следната дебата планирана на 22 октомври, која ќе биде посветена на надворешната политика и безбедноста.
Високопрофилни републикански коментатори, како поранешниот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд или поранешниот градоначалник на Њујорк Рудолф Џулијани ги обвинуваат претседателот Обама и државниот секретар Клинтон за неуспех на нивната надворешна политика и несериозност во обезбедувањето на амбасадата.
Американскиот Конгрес одржа серија седници посветена на нападот во Бенгази, во кои републиканските конгресмени се судрија со претставници на Стејт департментот за безбедноста во амбасадата.
Поранешен службеник одговорен за безбедноста во Либија во Конгресот изјави дека двапати побарал засилувања за конзулатот во Бенгази, но бил одбиен. На сослушувањето беше изнесено дека мала компанија за осигурување од Британија добила вкупно 387.000 долари за да го обезбеди конзулатот во текот на една година.
За тие пари компанијата Блу Маунтин ангажирала неколку вооружени и искусни обезбедувачи, но и група слабо вооружени Либијци како чувари за кои постои сомнеж дека во еден момент дури и самите подметнале бомба во конзулатот за да добијат повеќе пари.
Конгресмените на Демократската партија ги обвинуваат републиканците дека сакаат да извлечат политичка корист од нападот, како и дека нивниот Конгрес не обезбедил доволно средства за безбедност на амбаса��ите. Републиканците возвраќаат дека Стејт департментот троши пари на непотребни цели, на пример набавува од скапите електрични возила Шевролет Волт за амбасадите. |