16.10.2012, 13:07 Николиќ: Ако го побараат Косово, не сакаме во ЕУ
Српскиот претседател вели дека нема да прифати уцени или Европа или Косово
„Ако официјално ни постават услов Европа или Косово, ќе се откажеме од европскиот пат. Тоа го зборував и во кампањата“, изјави претседателот на Србија, Томислав Николиќ за „Новости“. „Веќе 11 години гледаме како се исполнува се' што ќе посакаат Албанците, веќе нема да биде така“, изјави претседателот Николиќ во интервју за „Новости“.
Николиќ рече дека засега никој официјално не барал признавање на независноста на Косово и Метохија (КиМ), и додаде дека „ние ја уредуваме земјата по европски стандарди“. „Ако ние сме стабилни и ги исполнуваме условите, не може Европа да биде нестабилна и постојано да ни поставува нови услови. Ние бараме само да ни се постават услови како и на другите земји, ни помалку ни повеќе“.
На прашањето зошто косовските Албанци би седнале на маса за разговори со Србија, кога и за нив и за клучните држави на Запад, Косово е независна држава, Николиќ одговори: „Затоа на преговори треба да се оди со директно прашање: дали ние можеме да сметаме на преговори и членство во ЕУ, ако не се согласуваме со независноста на КиМ?“ Тој додаде дека Србија сериозно го сфаќа ставот на Германија, која е столбот на ЕУ.
Николиќ најави дека во петок ќе биде одржан првиот состанок на државниот врв за платформа за Косово. „Наскоро ќе мораме да излеземе со заеднички став. Ќе предложиме неколку варијанти. Ќе најдеме вистинска формулација со која ќе се излезе пред светот. Целта е да се пронајде решение кое не е независност, а кое во голема мерка ја одразува суштинската автономија што е гарантирана со Резолуцијата 1244. Придружни документи на платформата ќе бидат нашиот устав, учинокот на сите високи претставници на КиМ, преглед на се' што е исполнето, а што не е, од Резолуцијата 1244. Тој текст ќе биде претставен пред целата политичка и интелектуална елита, претставниците на црквите...“.
На прашањето дали Вучиќ се насочил кон високите функционери на СПС, Николиќ рече дека првиот потпретседател на владата и лидер на СНС „ја презел најтешката можна работа“, бидејќи се насочил на криминалот. „Мора добро да се чува, бидејќи речиси сите се против него. Од каде да знае тој на кого ќе удри кога ќе му стигне предмет? Социјалистите не можеле да направат толку штета, а кој од нив бил замешан во криминал ќе мора да одговара. Сигурен сум дека тој не сака да прогонува кого било“.
Запрашан дали е задоволен како владата се бори против корупцијата, Николиќ рече: „Сите се уверија ��ека борбата е искрена. И полицијата и обвинителството, кои порано меѓусебно се обвинуваа. На сите им е јасно дека ќе одговара секој кој е вмешан во криминал“.
На прашањето дали постои стравување дека „крупните риби“ ќе и' се извлечат на правдата, претседателот Николиќ одговори со повик до сите од полицијата и обвинителството да му се обратат лично, ако сметаат дека некои предмети ќе завршат во фиока. „Мора на сиромашните да им покажеме поради кого се сиромашни“. (Б92, Вечерње новости)
|