15.10.2012, 14:30 СДСМ: Грчкиот меморандум неприфатлив за Македонија
СДСМ го поздравува фактот што Грција покажа каква било иницијатива за решавање на спорот со името кој самата го наметна, но меморандумот во онаа форма во која е предложен, сметаме дека е неприфатлив за Македонија и дека треба да се отфрли, рече на денешната прес-конференција Андреј Петров, секретар на СДСМ.
- Евентуалното потпишување на предложениот меморандум од наша страна, онака како што е предложен, ќе нанесе непоправлива штета на македонските национални интереси, бидејќи меморандумот прецизно ја ограничува рамката во која би се воделе евентуалните преговори, што не е во наш интерес, е ставот на СДСМ, рече Петров.
СДСМ го повикува премиерот Никола Груевски во најскоро време да се изјасни во однос на содржината на меморандумот и да соопшти што подразбира иницијативата на еврокомесарот Штефан Филе за добивање датум за преговори во декември, а во врска со забрзувањето на процесот на преговори со Грција за изнаоѓање на компромисно решение за спорот со името.
Петров истакна СДСМ го поздравува добиениот извештај од Европската комисија, во кој уште еднаш и се препорачува на Европската унија да одреди датум за преговори со Република Македонија.
|