16.10.2012, 09:58 Бројот на гладни во светот на високо ниво
Најновите податоци покажуваат дека околу 870 милиони луѓе во светот страдаат од глад, соопшти Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО).
Според ФАО, најновите податоци претставуваат подобрување во однос на бројот на гладни од почетокот на 1990-те од нешто над милијарда, но и понатаму е неприфатливо висока бројка.
- Импулсот кој беше присутен едно време на тој план сега ослабува, изјави Оливие Де Шатер, специјален претставник на ОН за право на храна.
Де Шатер на маргините на состанокот на Комитетот за светска безбедност на прехранбени производи во рамки на ФАО, изјави дека „не одиме напред, освен кога ќе дојде до криза“.
- Секогаш кога ќе дојде до криза ние повторно покренуваме напори, но потоа не ги применуваме тие мерки. Тешко е да се покренат луѓе тогаш кога нема криза, изјави Де Шатер.
Група од 20 водечки светски економии (Г-20) минатата година вети дека ќе се применат мерки за контрола на растот на цената на храната во светот, но оттогаш е остварен ограничен напредок. Според него, во Г-20 има неколку сили кои сметаат дека пазарната реакција е доволна да се неутрализираат последиците од каква било криза и не гледаат смисла во борбата против драстичните промени на цената на храната.
- Признавам дека не сум сигурен оти е така, смета тој. |