15.10.2012, 12:05 Од денеска почнува грејната сезона
Од денеска и официјално почнува грејната сезона. „Топлификација“ најави вклучување на системот и дистрибуција на топлинска енергија. И годинава голем број објекти на стартот ќе останат надвор од системот, бидејќи се регистрирани дефекти.
Според новиот правилник, од следниот месец сметки ќе добијат и оние кои се откажале од парното, а нивната зграда е се' уште приклучена на системот. Овие граѓани ќе треба да плаќаат меѓу 8 и 10 денари за квадратен метар. Оние кои одлучиле веќе да не ги користат услугите на „Топлификација“ , веруваат дека оваа одлука ќе биде укината од Уставниот суд и нема да мораат да плаќаат за услуга што не ја добиваат.
Здружението „Аман“ веќе два месеца организира протести против новите цени на електричната и топлинската енергија и бара промени на одлуките на Регулаторната комисија за енергетика.
СДСМ минатиот викенд обвини дека Владата не успеала да ги заштити граѓаните од високите сметки за парно, на што реагираше ВМРО-ДПМНЕ, според кои цените на енергенсите во Македонија се диктирани од светските пазари, и Македонија нема можност да влијае врз нив. (Ек.Р.)
|