16.10.2012, 09:39 Изборите во САД може да завршат нерешено?
Доколку изборите поради изедначените шанси на претседателските кандидати за првпат во историјата на САД завршат нерешено, на крајот олуката би ја донел Конгресот.
Со намалувањето на разликата меѓу претседателските кандидати Барак Обама и Мит Ромни во САД, се отвори можноста изборите за првпат во историјата да завршат нерешено, при што одлуката на крајот би ја донел американскиот Конгрес.
Причина за ова е индиректниот начин на избор на претседателот, каде победникот во секоја одделна американска сојузна држава добива одреден број на гласови во тело наречено Изборен колеџ кој има вкупно 538 делегати, избрани според формула која го зема предвид бројот на жителите на државата.
Така, најмногу делегати добива сојузната држава Калифорнија – 55, а по неа е Тексас со 38 делегати, додека малите или ретко населените држави како Аљаска, Делавер или Вермонт добиваат по 3 гласа. Со намалувањето на разликата меѓу Обама и Ромни во анкетите, постои реална можност двајцата кандидати да добијат по точно 269 делегати, односно по половина од Изборниот колеџ.
Во тој случај, се очекува дека одлуката ќе ја донесе Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, кој ќе може да избере нов претседател независно од освоените гласови.
Кандидатите се насочуваат кон американските сојузни држави кои носат многу гласови, а во кои односот на силите на републиканците и демократите е изедначен, како што се Флорида со 29 гласови и Охајо со 18, потоа Вирџинија и Северна Каролина, кои носат 13, односно 15 гласови, но и некои од помалите држави како Ајова со 6 гласови. По добриот настап во првата дебата, популарноста на Ромни се зголемува во овие пресвртни држави, при што неговиот штаб најавува дека ќе се обиде да извојува победа и во држави кои се сметаа како сигурни во графата на Обама, како Пенсилванија и Мичиген кои носат 20 и 16 гласови, додека Обама по дебатата заминува на серија митинзи во малиот Њу Хемпшир, чии четири изборни гласови до неодамна ги сметаше за сигурни.
Можни се неколку комбинации на држави во кои Ромни и Обама би завршиле со по 269 делегати и би го поделиле Изборниот колеџ. Евентуална победа на Ромни во серијата помали држави како Њу Хемпшир, Невада и Ајова, заедно со големите Флорида, Охајо и Северна Каролина, заедно со веќе сигурните држави како Тексас и низата држави во средниот дел на САД, би го довела до 269 делегати. Обама, со победи во Вирџинија, Пенсилванија, Висконсин и Колорадо би го постигнал истиот резултат.
Американците, кои ги паметат изборите меѓу Џорџ Буш и Ал Гор во 2000 година и долгите судски процеси за решавачките делегатски гласови на Флорида, стравуваат дека евентуален нерешен резултат во Изборниот колеџ би можел да биде многу потежок за разрешување од овие избори.
Во пресрет на дебатата, Обама се повлече во градот Вилијамсбург во Вирџинија на неколку дена, каде одмора од изборни активности. Таму претседателот се подготвува за дебатата со помош на претседателскиот кандидат од 2004 година, сенаторот Џон Кери, кој во подготовките „го глуми“ Ромни и чија задача е да ги предвиди коментарите на републиканскиот кандидат.
Во подготовките на Ромни, улогата на Обама ја игра сенаторот Роб Портман од Охајо. Предвидено е дебатата да се води според форматот на средба со граѓаните, каде група неопределени граѓани добиваат можност да им поставуваат прашања на кандидатите, честопати изнесувајќи лични примери и поплаки. Двајцата кандидати и модераторот, новинарката Кенди Кроули од телевизијата Си-Ен-Ен, не би требало да поставуваат дополнителни прашања. (МИА) |