16.10.2012, 15:26 Велија Рамковски наскоро пред Апелацискиот суд
Повисокиот суд ќе ја разгледува пресудата за случајот „Пајажина“ кон средината на следниот месец
Судењето на поранешниот сопственик на телевизија А1, Велија Рамковски, и на другите 20 обвинети во случајот „Пајажина“, скопскиот Апелациски суд планира да го одржи кон средината на следниот месец.
Од таму велат дека на Судскиот совет кој ќе постапува во овој судски процес ќе му биде потребно уште малку време за да се подготви и да ги провери сите докази, жалбите кои се стигнати до нив, како и да ја разгледа обемната пресуда напишана на повеќе десетици страници.
Најавата за закажување на јавната седница доаѓа само неколку дена по приемот на судскиот предмет од Вишото јавно обвинителство. Повеќе од извесно е дека осудените имаат вложено жалби по пресудата која на 14 март оваа година ја изрече скопскиот Кривичен суд, но се' до одржувањето на јавната седница нема да се знае дали и Јавното обвинителство ќе се жали на дел од пресудите.
Случајот „Пајажина“ својот судски епилог го доживеа по изрекувањето на пресудата со која 21 обвинет добија вкупна казна од 109 години затвор. Велија Рамковски беше осуден на единствена затворска казна во траење од 13 години за перење пари, даночно затајување, злосторничко здружување и злоупотреба на служената положба. (Љ.С.) |