16.10.2012, 16:01 СДСМ против отпуштање без предупредување
Опозицијата е против предлогот на Организацијата на работодавци да се измени Законот за работни односи, со кој на газдите на компаниите законски би им се овозможило да можат да отпуштаат работници без никакво предупредување. ОД СДСМ денеска изјавија дека за овој предлог веќе два дена не се изјаснува ниту Владата, ниту Синдикатот, кои заедно со ОРМ се официјални партнери во социјалниот дијалог.
„Сакаме да предупредиме дека овој предлог е штетен и многу ќе ги погоди работничките права“, изјави на денешниот прес пратеничката Цветанка Иванова, претседател на Комисија за труд и социјална политика. Според неа, Владата систематски спровела повеќе кратења на правата на работниците во земјава во изминативе шест години, меѓу кои и драстично намалениот период на исплата на паричен надомест во случај на технолошки вишок, од пет - на една и пол година. Таа наведе и други примери. „Власта ја избриша заштитната одредба од една година од злоупотреба на прогласувањето технолошки вишок и сега, а ја избриша и одредбата за надомест од штета во случај на неоснован престанок на работен однос. Работникот прогласен за технолошки вишок го губи правото на приоритет при вработување. Процентот на исплата во случај на боледување е намален од 85 на 70 отсто“, рече Иванова.
Според неа, Синдикатот со години молчел и ги дозволил овие измени. „Сега се предлага да им се даде на газдите одобрување да отпуштаат веднаш и без предупредување, што ќе биде уште еден силен удар врз работничките права. СДСМ нема да поддржи вакво решение, кое ги урива и онака десеткуваните права на работникот. Го повикуваме Синдикатот, конечно, да излезе во заштита на правата на работниците, што е и неговата основна функција“, побараа од СДСМ. (Ек.Р.) |