Секој отпад не е ѓубре

Во секој поголем маркет или шопинг-центар има кутии каде што се остава електронскиот отпад
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Доколку сте се соочиле со расипана тастатура, глушец, стари електронски уреди, веројатно, следната мисла ви била што да правите со нив. Многумина во стари кутии или заборавени фиоки чуваат барем по еден стар глушец, по некој флопи-диск, стар мобилен и полнач за него. Позитивни вести се дека кај нас во моментов се работи на конечните подготовки на законот за управување со електрична и електронска опрема, со што ќе се изврши транспонирање со Директивата на ЕУ за отпадна електрична и електронска опрема и, конечно, ќе се постават посебни канти во кои граѓаните ќе можат безбедно да остават мали и поголеми електрични и електронски уреди за рециклирање и реупотреба.
Во Грција, како членка на ЕУ, директивата се почитува уште од 2004 година. Таа наложува креирање систем за собирање на опасниот отпад од електронските и од електричните уреди и рециклирање и повторна употреба на овие производи, но и заштита на животната средина од тешки метали, како што се олово, жива, кадмиум и шествалентен хром што се користат во вакви уреди. Грчката компанија „Електроникал-апарати за рециклирање С.А.“ е единствена што се занимава со менаџирање на целиот процес на собирање, обработка и рециклирање на електронски и електрични уреди. Како што посочува маркетинг-менаџерката Наташа Ворија, директивата за е-отпад наложува дека производителите на електронски и електрични уреди имаат обврска да соберат одредена количина отпадна опрема за рециклирање и повторна употреба, со цел да го намалат загадувањето на животната средина. „Производителите треба да платат одреден придонес што ги покрива сите трошоци за рециклирање од оперативните до собирањето, транспортот и обработката на уредите“, посочува Ворија. Таа потенцира дека компанијата е непрофитна и секоја дополнителна заработка ја чува на посебна сметка за периоди кога бележи загуби поради ситуации, како што е сегашната економска криза. Компанијата има 10 акционери, генерално, големи компании, како што се „Филипс“ и „Осрам“, кои работат во полето на електрични и електронски уреди.
Низ Грција има 8.700 места за собирање електронски отпад. Кутиите за собирање е-отпад се распоредени во големите продавници за електронски уреди и бела техника, супермаркети, шопинг-центри, училишта, но и во големи компании. Во општините има големи контејнери за рециклирање што служат како привремени минимагацини. Покрај кутиите за мали и за големи електронски уреди, постојат посебни и за рециклирање на светилки. „Граѓаните може сами да ги однесат малите уреди во кутиите за рециклирање. За големите, пак, ако купувате нов фрижидер, компанијата има обврска да дојде и да го земе стариот, или, пак, камиони на општинските служби да го земат од некоја локација. За донесените уреди не им се наплатува некаков надомест на граѓаните бидејќи, според ЕУ-директивата, граѓаните имаат обврска да ги рециклираат за да ја заштитат животната средина.
Од 2005 година досега во Грција се рециклирани 12 милиони електрични и електронски уреди. Податоците на компанијата покажуваат дека најмногу се собираат големи електрични уреди, но и компјутери и мобилни телефони. Националните цели, според ЕУ-директивата, налагаат рециклирање на 4 кг е-отпад по глава на жител годишно. Меѓутоа, со новите измени на директивата до 2020 година ќе треба да се рециклира околу 65 отсто од целиот е-отпад во државата. Според Ворија, новите цели ќе бидат дополнителен предизвик за Грција, бидејќи сега се рециклира околу 33 отсто од вкупниот е-отпад. „Немаме точна бројка колку електричен и електронски отпад има точно во Грција, приближната бројка е 180.000 тони. Според Ворија, Грција се наоѓа некаде во средината меѓу оние што се целосно незаинтересирани и оние што активно и систематски рециклираат и влијаат на нивните пријатели да го прават истото тоа. „Имаме многубројни истражувања на оваа тема и она што го гледаме е дека има многу изјави од граѓаните што сакаат да ја заштитат околината и да рециклираат, меѓутоа во практиката околу една третина од населението активно и систематски рециклира. Граѓаните имаат солидно познавање за рециклирањето, но недостига поголема практика“, посочува таа.
Oстровите шампиони во рециклирање
Рекордер во рециклирање во државата се грчките острови. Со најголем процент на рециклиран е-отпад по жител, или 14 кг на годишно ниво е островот Ѕија. На врвот се и Парос, Иос, Родос и Кос, а Солун држи малку подобар просек од Атина. Сепак, според Ворија, фокусот во рециклирањето е кај големите синџири маркети за електрични и електронски уреди, а не кај општините. |