Рецензентите не прифаќаат одговорност за учебникот
Резензентите на спорниот учебник по општество не прифаќаат одговорност за повлечениот учебник за петто одделение, бидејќи, како што нагласуваат, спорните делови воопшто не биле дел од содржината на текстовите што ги имала на увид комисијата. Во конкретниов случај, тие сметаат дека станува збор за „грубо, насилничко, неаргументирано и несоодветно нарушување на угледот на членовит�� на рецензентската комисија“. Рецензентите бараат извинување за таквиот однос спрема нивната работа и валкање на нивниот професионален углед.
„Рецензентската комисијата професионално ја реализираше својата обврска за оценување на приложените текстови на конкурсот објавен за учебник за петто одделе��ие по предметот општество и не прифаќа никаква вина за пропусти за кои не е одговорна“, се вели во писмената реакција потпишана од проф. д-р Антоанела Петковска, м-р Соња Палчевска - Ќосева и Лилјана Стојановска, која беше дистрибуирана вчера доцна попладне.
Тие нагласуваат дека содржината на програмата за предметот општество за петто одделение, предложена од соодветните служби на Министерството за образование, како еден од критериумите за оценување на учебниците е неопходно да се ревидира за наполно да соодветствува со природата на предметот.
Според резензентите, текстовите пристигнати на конкурсот за учебникот, како и сите други материјали и документи поврзани со нивното оценување, во текот на работата на комисијата се наоѓале исклучиво во просториите на Министерството за образование и наука. Во тој простор работеа и членовите на рецензентската комисија, во сите фази на процесот на оценување. Рецензентската комисија ги препорачува текстовите (во случајот два од вкупно пет текста пристигнати на конкурсот), а Националната комисија и министерот за образование и наука го дава конечното одобрување за печатење на текстот на учебникот.
Тие потсетуваат дека рецензентската комисија нема никакви ингеренции и увид во процесот што се случува од моментот кога го кажуваат своето мислење за текстовите до моментот на нивното печатење и објавување (инаку, на комисијата не и' е доставен ниеден отпечатен примерок пред да биде објавен). Со оглед на тоа што рецензентската комисија препорачала два текста за објавување, се прашуваат од кои причини не е направена проверка дали можеби текстот што е препорачан како втор, не е посоодветен за објавување, туку дури сега започнува процедурата за оценување на второрангираниот текст?
„Чија обврска била да се просуди кои од двата текста се подобри и зошто не е навреме сторено тоа? Конечно, ако е покажана толку голема недоверба кон членовите на рецензентската комисија, од кои причини не се проверени и текстовите што не се препорачани за објавување“, прашуваат тие.
Инаку, спорниот учебник по општество за петто одделение се повлекува, беше одлучено завчера доцна попладне. Грешките со значајните личности од областа на културата биле минорни. Но, новите рецензенти откриле катастрофални промашувања на авторите, бидејќи грешки имало во секое поглавје.
За религијата било напишано дека е „верување што се обидува да му даде смисла на она што е тешко да се разбере, како, на пример, зошто сме тука? Медицинското објаснување, пак, за наркоманијата е дека станува збор за „болна склоност кон употреба на опојни средства заради постигнување на претерано добро расположение“.
Професорите Владо Димовски, Биљана Камчевска, Гордана Плетварска и Скендер Асани едногласно донеле одлука, која Тодоров ја прифатил - учебникот да не се користи. Поверојатно е второрангираниот да биде избран за нов учебник по општество.
„Имаме два одобрени учебника од страна на рецензентите. Ќе се концентрираме на нив и рецензентите ќе одлучат кој од овие два може побрзо да биде коригиран, тој ќе го пуштиме за печатење“, истакна министерот за образование, Никола Тодоров. (П.Р.) |