Репортажа
На Стоби под вршник се конзервира IV век

Катерина Богоева
На археолошкиот локалитет летово се истражува и се конзервираат најстарите фрески во Македонија
Во средината на минатата недела, во најжешкото, при посетата на археолошкиот локалитетот Стоби, уште еднаш се соочивме со тоа што значи да се биде на сонце како под вршник. Пространиот локалитет, чија трева одамна е пожолтена, не' пречека со очекуваната тишина, нарушена од гласовите на дел од петтемина ангажирани водичи, од групите туристи, како и од археолозите, кои без разлика на високите температури си работеа полека на отворено. А покрај Црна, под настрешница се конзервираа најстарите фрески откриени во Македонија, датирани во 4 век, извадени од Епископската базилика.
Археолозите го истражуваат триклиниумот - трпезаријата на палата Перистерија, од каде што се извадени мозаиците во меѓувреме додека нивните колеги-конзерватори ја чистат реверсната страна од стариот малтер на кој стоеле шарените камчиња.
Тоа се воедно и првите археолошки истражувања на тој простор каде што претходно стоел мозаикот што ќе и' биде вратен по конзервацијата. Истражуваат дел од вработените археолози во Националната институција „Стоби“, чиј вкупен број од формирањето во 2008 година до денес достигна 14 лица. Шестмина од нив се од Скопје, Гевгелија, Прилеп, а единствената нумизматичарка е од Стојаково. Живеат преку недела тука, некои патуваат дома секој ден, а другите само за викенд. Минатата година тука се евидентирани 12.000 посетители, а годинава 5.000.

Со истражувањето се проверуваат сите постари културни слоеви под подот на мозаикот во куќата, а планирана е и конзервација и делумна реконструкција на претходно откриените остатоци од фонтана, откриена во нејзиниот централен дел.
„Такви фонтани“, напоменува археологот Силвана Блажевска, директорка на „Стоби“, се среќаваат тука и во други објекти, поради што и има елементи за реконструкција. Мозаикот во триклиниумот во палатата Перистерија, која е откриена меѓу двете светски војни, не беше отворен 40 години. Песокот со кој беше покриен се претворил во земја, беше никната трева, а сите камчиња практично беа подигнати од подлогата. Годинава ќе го вратиме по претходна конзервација под раководство на конзерваторот Драги Верговски-Алпи од Националниот конзерваторски центар. Тој заедно со колегите и со дипломирани студенти од Факултетот за ликовна уметност од Скопје до 22 август ќе работи на завршната фаза на конзервацијата на фреските од 4 век, со средства од амбасадорскиот грант на амбасадата на САД во Македонија“, рече таа.

Ги затекнавме најстарите фрески поставени на нови носачи додека се чистеше нивната предна страна. Ни беше посочено дека доколку е потребно, тие делумно и се ретушираат. Не' фасцинира сознанието дека и по толку векови, нивните бои се зачувани, но и дека може да се видат или препознаат насликаните претстави.
„Многу голема е разликата меѓу оние фрески што се откопани минатата година и истовремено се конзервирани и оние што биле откопани претходно. Тие што стоеле на северниот ѕид на Епископската базилика, кој долги години бил без заштита, се многу повеќе уништени, иако истовремено се создавани со останатите од јужниот ѕид.
Мозаикот од Перистериевата палата, чија површина била 70 квадрати, беше многу оштетен, но и компликуван за работа“, потенцираше Верговски.
Имавме ретка можност да ги видиме и последните три фрески што стоеле на отворено во Епископската базилика, што биле извадени во текот на јуни и конзервирани во текот на одржувањето на годинешната Летната школа за конзервација на фрески. На неа, како и на Школата за документација на римската и доцноантичката керамика, водена од стручни лица, учествувале луѓе од различни профили и возрасти од Европа и од САД. Ни беше посочено дека меѓу најстарите бил и еден Британец на возраст од 70-ина години, кој како и останатите, стекнал нови знаења и искуство, за што платил 1.200 евра. Ни беа покажани и два дела од фреска со претстава на Христос меѓу две јагниња. Двете јагниња беа видливи, а делот каде што треба се појави претставата на Христос беше особено оштетен. Конзерваторите и историчарите на уметноста очекуваат по финалното чистење, тој и да се појави.

„Школата е организирана во соработка со фондацијата ’Балканско наследство‘ од Стара Загора, Бугарија, а во август е планирано одржување и школа за археолошки истражувања на која се пријавиле 40 учесници. Ова е прво презентирање на локалитетот преку учество на студенти од сродни факултети што поминуваат теренска практика и на ваков начин и го презентираат Стоби во светот. А важно е, се разбира, и од економски аспект, бидејќи собраните средства можат повторно да се употребат“, напоменува директорката Блажевска.
Силвана Блажевска, која, како и нејзините вработени колеги на локалитетот, во изминатите години живее на релација Стоби - Скопје, потенцира дека големата и пространа Епископска базилика, на која првенствено засега асоцира познатата крстилница со прекрасните мозаици, во иднина се планира да биде клучен објект за презентација на локалитетот. На нејзиниот јужен ѕид, под земја има уште 8 метри фрески .
„Конзервираните фрески средени ќе чекаат да се вратат во базиликата, но само откако претходно ќе се создадат неопходните услови за тоа. Годинава нема да ги вратиме, затоа што тоа за нив би било погубно, бидејќи е несоодветен начинот на кој се презентира овој објект. Приодот не е многу безбеден, а објектот целосно и не може се да се види. Проф. Блага Алексова го истражи целиот централен брод на новата Епископска базилика за да стигне до старата, но сега зјае една голема дупка. Гледате објект горе, објект долу, но не се гледа дека имало две базилики една врз друга, на растојание од четири и пол метри. Најпрвин мора да се среди старата базилика, да се вратат мозаиците, фреските, потоа да се постави плоча на која ќе стои подот на горната базилика. Треба и да видиме колку од тие мозаици се зачувани и колку од нив ќе можеме да реконструираме. Објектот ќе треба и да се покрие“, рече таа.
Напомена и дека еден ден пред нашето доаѓање локалитетот го посетил новиот директор на УСАИД, но и дека досегашниот амбасадор на САД, Филип Рикер, кој важи за голем обожавател на Стоби, редовно користел прилика да го посети.
Досега локалитетот во најголем дел го финансира државата, а винарската визба „Стоби“ засега е единствената од претпоставените, поддржувачи на неговиот развој, која значајно соработува со новоформираната институција.
„Имаме заеднички интерес од промоцијата. Тие го зедоа името од локалитетот, користат мотиви од него во комерцијални цели, а ние добиваме спонзорство за тоа. Отворени се за соработка и надвор од договореното. За локалитетот е малку проблематично што сме на тромеѓе меѓу Градско, Неготино, а дел од нашата некропола спаѓа под општината Росоман, односно Кавадарци. Досега општините не покажале некаков поголем интерес. Градско понекогаш ни помага со луѓе за косење трева, со песок за покривање мозаици. За сите административни работи треба да одиме во Велес. На луѓето во околината им требаше подолго време за да разберат што се случува тука. Дека за разлика од претходно, сега тука постојано има луѓе, но и дека сме институција што се грижи за локалитетот. Но, нема друг начин ако сакаме тој и да заживее. Така е, впрочем, на 90 проценти од големите локалитети кои се далеку од населено место“, вели Блажевска.
Таа најавува дека наскоро треба да започне и конзервација и на архитектурата со учество на стручни лица и од Националниот конзерваторски центар и од Заводот и музеј од Штип. „Годинава, како и секаде, намалени се средствата за капиталните проекти и ние се фокусиравме на конзервација. Правиме напори да ја вратиме документацијата од Стоби тука. Дел и вративме, а онаа што тука ја најдовме ја дигитализиравме. Планираме да ги вратиме и предметите што се однесени во други музеи, во конзерваторски центри, бидејќи е важно да направиме детален попис, евиденција и ревалоризација на музејската збирка.
Допрва во Стоби ќе се формираат музејски збирки. Музејчето што постоеше веќе не функционира, не ги задоволува потребите за изложување на она што го има Стоби како подвижно културно наследство. А сега може да се види она што се наоѓа во депото, а тоа не е малку“, изјави директорката.
Во овој период од годината Стоби привлекува и друг вид публика, посетителите на истоимениот Фестивал на античка драма. Тие доаѓаат да ги гледаат претставите што се одржуваат ноќе на амфитеатарот. Но, бидејќи на голем дел од локалитетот поради истражувањата има и дупки, направена е строго одредена патека за влегување и за излегување од амфитеатарот.
„Досега нема никаков проблем, но за мене од аспект на археолог и некој што треба да се грижи за локалитетот, во овој момент одржувањето што било во театарот претставува мал ризик. Тој е откриен во 30-тите години на минатиот век и му треба конзервација. Фестивалот има долга традиција, а доколку идната година продолжи тука да се реализира капитален проект, би сакале да продолжиме со доистражувањата на амфитеатарот и со конзервација на она што го отворивме досега. Потоа може да се прават секакви манифестации“, рече директорката на „Стоби“, која очекува во иднина да ги реализира предвидените планови, меѓу кои е и изградба на музеј и кафетерија преку реката Црна, кој би бил поврзан со мост.
На таков начин, смета таа, посетителите прво би морале да прошетаат низ локалитетот, а дури потоа да седнат на кафе и да купат сувенири. А не како што имаше примери досега, симнувајќи се од автопатот за Грција многумина само да седнат во ресторанчето-сувенирница пред влезот( што сега и не работи) и да не ни дознаат што се крие зад старите камени ѕидови. |