„Свадбата на Фигаро“ премиерно на „Охридско лето“

Охрид - На фестивалот „Охридско лето“ синоќа премиерно беше изведена претставата „Свадбата на Фигаро“, од Пјер Бомарше, во продукција на Македонскиот народен театар и во соработка со режисерот Леван Цуладзе од Грузија. Вечните теми за љубовта, прељубата и љубомората во класичната комедија на Бомарше, директорот на МНТ Дејан Лилиќ, ги објаснува како враќање на класиката и на убавиот пишан збор.
„Прекрасни костими, одлична сценографија, прекрасни актерски остварувања, игра една екипа која влезе во овој проект од се' срце. Направивме одлична комедија“, вели Лилиќ.
Леван Цуладзе е уметнички директор на театарот „Марџенишвили“ од Тбилиси, Грузија. Тој е основачот на првиот приватен театар во Грузија. Ова е негово прво гостување во Македонија, каде соработува со Македонскиот народен театар и за прв пат настапува на „Охридско лето“. Тој вели дека самиот град Охрид влијаел на изборот на претставата.
За соработката со режисерот актерот Кирил Поп-Христов вели: „Ние за овие пет дена заедно со Цуладзе доживеавме еден чуден препород. Не сакаме тој свет да го напуштиме, но ќе мораме да го направиме тоа по претставата. Мислам дека беше привилегија да се биде во таа повластена каста во која бевме ние, работејќи со човек кој ниту еднаш не се изнервира и кој успеа со својата енергија да не внесе сите во тој необичен свет. Мислам дека не дозволивме ниту една надворешност да повлијае на нашата работа и тоа ќе го почувствува и публиката“.
За Нино Леви, кој во претставата го игра грофот, секогаш е гордост да се настапува на „Охридско лето“. „А овој пат има и убав повод за тоа, претставата ’Свадбата на Фигаро‘ и еден фантастичен режисер. Соработката беше прекрасна, навистина немам зборови за сето тоа да го опишам“, изјави Леви. (В.М.)
|