Чаир нема да ја стопира Араста-џамијата
Општина Чаир нема да ги стопира градежните активности за обнова на Араста-џамијата. Единствено ќе инсистира Исламската верска заедница да ја институционализира постапката за обнова на културниот споменик, реагираше вчера градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Иако пред една недела кога ИВЗ почна со обнова на верскиот објект токму од Општината и од Националниот конзерваторски центар обвинија дека активностите се одвиваат без соодветна согласност и одобрение за градба, Меџити вчера преку јавноста само и' порача на ИВЗ обновата на џамијата да ја спроведе легално.
Всушност, демонстрираше добра волја за заедничко надминување на проблемот, а не одговори дали ќе ги стопира градежните активности на терен, бидејќи се одвиваат без одобрение.
„Џамијата ќе биде дивоградба ако во меѓувреме не се извади одобрение за градба. Сакаме на ИВЗ да и' укажеме дека не гради во некое планинско село, туку во чаршија, за која има посебен закон. Подготвени сме да и' излеземе во пресрет на ИВЗ во целата постапка“, порача Меџити.
Toj оцени дека настанатата ситуација е дел од нечие сценарио за одвлекување на вниманието на јавноста од други дневнопол��тички случувања.
„Општината нема да одговори на тие провокации, на сценариото за создавање тензија во Општината. Сакаме да се реши ова на заедничко задоволство“, порача Меџити. (Дс.Т.) |