Таксистите бараат стојалишта без диви превозници
Дел од општините веќе доставиле барања до Градот за обележување на нови локации
Сања Наумовска
Скопје има потреба од нови и уредени такси-стојалишта во сите општини, велат во такси-групациите, кои од Градот Скопје бараат освен обележувањето на локациите, да ги ослободи од дивите превозници.
Најголемиот број од такси-стојалиштата се полудиво направени, без соодветни сообраќајни решенија и знаци и со премалку паркинг-места за возилата. Најголемиот дел од нив се создале спонтано во текот на годините, на места каде што граѓаните имаат навика да побараат такси. Но, овие локации не се ниту прописно обележани, ниту, пак, според капацитетот одговараат да бидат стојалиште, негодуваат таксистите.
„Пред две години, градските власти почнаа да обележуваат на терен нови локации што одговараат да бидат стојалишта. Сугериравме на некои улици да се направат џебови за две-три возила, како и за автобусите, а каде што има простор, пак, да има стојалишта што ќе примаат и по дваесетина коли. Сепак, проектот не се реализираше докрај, а се обележаа едвај неколку стојалишта, претежно во центарот“, вели Марјан Спасовски, претседател на Групацијата на таксисти, и објаснува дека во секоја општина има потреба од повеќе уредени такси-стојалишта, а особено центарот на градот.
Градоначалникот Коце Трајановски на последната седница на Координативното тело побара од општините да предложат нови локации за такси-стојалишта, за кои подоцна ќе се изготват проекти за обележување. Рокот за доставување на предлозите е крајот на месецот, а дел од општините веќе го сториле тоа.
Гази Баба ќе бара уредување на пет локации, од кои дел веќе се користат како стојалишта, но не се воопшто обележани. Ѓорче Петров размислува за шест нови локации во центарот и низ населбите. Најважни се стојалиштата кај СП „Планет“, кај Геронтолошкиот завод во Дексион и градинката во Хром.
Во општината Аеродром, пак, се задоволни од бројот на такси-стојалиштата, за кои сметаат дека имаат доволен капацитет на возила со кои успешно се опслужуваат потребите на граѓаните. Во Карпош нема да се бараат нови локации за такси, додека, пак, во Центар, се' уште се разгледуваат можните опции. Во Кисела Вода општинарите ги очекуваат предлозите од месните заедници кои се најсоодветните локации каде што треба да се направат нови стојалишта. Општина Бутел, покрај веќе постојните две такси-стојалишта, од Градот бараат уредување на уште две. Предложените локации се до пазарот во Бутел 1 и во Радишани. |