Кумановец застрелан и оставен на нива
Полициска патрола со кучиња-трагачи го пронашла мртвото тело на 29-годишниот Шериф Салахи од село Ропаљце
Столе Божиновски
КУМАНОВО - Кумановец бил убиен и оставен во нива во атарот на селата Ропаљце и Ново Село, Кумановско. Полициска патрола со кучиња-трагачи го пронашла м��твото тело на 29-годишниот Шериф Салахи од село Ропаљце по интензивни проверки на теренот откако семејството пријавило дека е исчезнат. Починатиот имал прострелна рана во стомакот, а според неофицијалните информации, полицијата веќе има еден осомничен за неговото убиство.
Мртвото тело на Шериф Салахи било пронајдено завчеравечер околу 18 часот во нива во атарот на селата Ропаљце и Ново Село. Од страна на екипи на СВР Куманово, судот и обвинителството, извршен е увид на самото место и телото е пренесено на Судска медицина во Скопје заради обдукција.
Според првични сознанија на полицијата, најверојатно, станува збор за убиство со огнено оружје со еден истрел во стомакот на починатиот. Телото на убиениот е пронајдено откако претходно во СВР Куманово, Р.С. (31) од Ропаљце телефонски пријавил дека е исчезнат негов братучед.
Полицијата е известена дека сега веќе починатиот Шериф излегол од дома со своето возило околу 13 часот, а домашните се вознемириле затоа што возилото е забележано покрај патот, а Шериф се' уште не се вратил дома.
По пронаоѓањето на возилото, инспектори од крим-техника извршиле проверки, а полицијата со кучиња-трагачи извршила претрес на теренот. Околу 18 часот во една нива е пронајдено телото на покојниот Шериф, со една прострелна рана во пределот на стомакот. Од местото на убиството се подигнати еден проектил од автоматска пушка и една капа со траги од крв.
Месното население вчера ништо не знаеше за случајот и не сакаше да зборува за мотивите за убиството. Неофицијално се говори дека убиството е извршено од познаник на Салихи, со кого имал нарушени односи. Се шпекулира дека Шериф е убиен во неговото возило, а потоа телото е одвлечкано и оставено во нива околу 300 метри подалеку од местото на злосторството.
Од полицијата потврдуваат дека едно лице е осомничено за убиството, но во интерес на истрагата, не изнесуваат повеќе детали. |