Натепан стружанец, кој сакал да спречи тепачка
Едно лице од Струга е тешко повредено при обид да спречи тепачка на плажата пред хотелот „Еуротел“ во Струга. Според полицијата, инцидентот се случил завчера околу 18,30 часот на струшката плажа, каде што настанала тепачка меѓу две групи момчиња од Црна Гора и од Република Србија. Стружанецот се обидел да спречи тепачка на плажата пред хотелот, но бил нападнат од повеќе лица, државјани на Република Црна Гора.
Директни иницијатори за тепачката, според сознанијата на полицијата, дваесет и четиригодишните момчиња О.М. и Ф.Л. од Црна Гора, кои, наводно, под дејство на алкохол започнале вербална расправија со неколку лица од Република Србија. Вербалниот конфликт прераснал во меѓусебна тепачка, во која учесниците си нанеле повеќе удари со тупаници. Дваесет и четиригодишниот Р.М. од Струга е пренесен во болницата „Св. Еразмо“, каде што е констатирано дека има тешка телесна повреда.
Полициската станица од Струга, по претходна консултација со Основното јавно обвинителство - Струга, поднела две прекршочни пријави против вкупно седум државјани на Србија, Црна Гора и Македонија, кои учествувале во тепачката. (Х.Р.) |