Струга со врзани раце поради џамија без дозвола
Изградбата на џамија без дозвола и' ги врза рацете на општината Струга. Тоа е главна причина што локалната самоуправа привремено остана без дел од надлежностите во оваа сфера. Министерството за транспорт и врски му ги одзеде ингеренциите на општинскиот градежен инспекторат, а во иднина работите ќе ги врши Државниот инспекторат за урбанизам и градежништво. За ваквото решение веќе е известен градоначалникот на Струга и од него е побарано да му овозможи непречено преземање на сите потребни активности на Државниот инспекторат, а тој ќе ги извршува работите во име и на сметка на општината Струга.
Министерството се одлучило на ваков потег поради, како што велат оттаму, неисполнувањето на решенијата на Државниот градежен инспекторат. Поточно, општинскиот овластен инспектор се товари дека не постапил во согласност со своите надлежности во врска со изградбата на верски објект во селото Горна Белица. Бидејќи џамијата се градела без одобрение, инспекторот требало да издаде решение за запирање на изградбата и за тоа да го извести Државниот инспекторат за урбанизам и градежништво. Но, бидејќи инспекторот не го сторил тоа, Министерството му ги одзело ингеренциите.
Општината има право да поднесе жалба на ваквата одлука и тоа во рок од 15 дена. Сепак, жалбата на донесеното решение нема да го одложи неговото извршување.
Од Општина Струга велат дека се изненадени од одлуката да им бидат одземени ингеренциите од градежништвото. Тврдат дека овластениот општински инспектор постапил во согласност со законските ингеренции, што значи изготвил записник и донел решение за запирање на бесправната изградба, но документите не ги доставил до Министерството. Сметајќи дека инспекторот, сепак, постапил законски, Општина Струга веќе поднела жалба до Второстепената владина комисија. Од локалната самоуправа се надеваат дека ингеренциите повторно ќе им бидат вратени откако ќе бидат отстранети, како што велат, пројавените недостатоци. (Б.А.) |