Здравствените работници го замрзнуваат членството
ТЕТОВО - Вкупно 1.002 здравствени работници од Клиничката болница и Здравствениот дом - Тетово ќе го замрзнат членството во Самостојниот синдикат на здравство, фармација и социјална заштита поради тоа што повисокиот орган не го почитувал сопствениот статут. Д-р Благица Петрушевска, претседателка на Синдикалната организација, вели дека Советот одлучил да истакне само еден кандидат на синдикалниот конгрес што ќе се одржи до крајот на месецот.
„Советот нема таква ингеренција. Статутарна обврска е само да евидентира кандидати и да состави листа, а не да се определува за единствен кандидат. Раководството на нашата синдикална организација реагира до претседателот на ССМ, Статутарната комисија и до други релевантни фактори за да се спречат нестатутарните одлуки. Ако ова не се промени до конгресот, најбројната организација, најверојатно, ќе дејствува самостојно“, изјави вчера д-р Благица Петрушевска. (Г.Е.) |