Пелагонија стравува од нови поплави
Општините и земјоделците бараат државна помош за чистење на Црна Река
БИТОЛА - Пелагонија стравува од поплави уште зимава. Водостојот на Црна Река е покачен и земјоделците предупредуваат од блокирање на каналската мрежа и поплавување на засеаните површини. Најголема закана се површинските води, кои овие две недели поради обилниот дожд и сега од снегот направија штети во Битолскиот регион. Властите во регионот подеднакво загрижени како и земјоделците, бараат помош од државата за чистење на речното корито по цели три децении.
„Ако итно не се преземат мерки, уште зимава нивите ќе бидат поплавени. Кај мене половина хектар е под вода. Нивата е под коритото на Црна. Она од што стравуваме напролет се случува сега“, се жали Благој Георгиевски, земјоделец од Новаци.
Загриженоста од нови поплави е голема и кај ЗК „Пелагонија“ од Битола. Изминатата пролет од нивниот имот настрада најплодното земјиште, а штетата ја проценуваа на повеќе од два милиона евра.
„Не' плаши вишокот води. Според нашите мерења, во коритото на Црна има наноси и талог од метар и дваесет сантиметри. Тоа значи дека моќта на реката да ги прибира водите е намалена. И со помалку врнежи доаѓа до блокада на каналската мрежа“, реагира Тоде Лазаревски, директор во битолскиот Земјоделски комбинат.
Од нови поплави среде зима стравуваат и локалните власти во Пелагонија. Градоначалникот на Новаци смета дека се' ќе биде попусто ако Црна не се исчисти темелно. „Пред три месеци реката се чистеше на потегот од селото Гермијан до Могила. Ама се отстрануваа само дрвата и џбуновите околу Црна, но не и коритото. За отстранување на речниот талог е потребна државна помош“, вели градоначалникот на Новаци, Лазар Котевски.
Министерството за транспорт есенва ги чистеше примарната и секундарната каналска мрежа, но тоа не беше доволно. Соочени со опасност од поплави во зима Министерството за земјоделство најавува нови акции. „Ќе се даде приоритет на коритото на Црна Река. Кога ќе се подобрат временските услови, интервентно ќе излеземе на терен за да ги санираме критичните точки посочени од земјоделците и локалните власти“, вети министерот Љупчо Димовски.
Земјоделците од Пелагонија се' уште чекаат обесштетување за големите поплави што се случија во изминатата пролет. Тогаш под вода со недели останаа над 10 илјади хектари плодно земјиште, куќи и штали. Штетите се проценија на неколку милиони евра.
Градоначалникот на Могила вели дека парите за земјоделците ќе стасаат најдоцна до февруари. „Поминати се сите предмети на второстепена владина комисија. Наскоро очекуваме да почне исплатата за поплавените ниви“, потенцира Славко Велевски. (А.Б.) |