Владимир Ангеловски - Дади
Имав кариера што може да ја посака еден актер
Критиката кај нас никогаш не успеа да ја сфати и прифати тежината на комедијата, па, веројатно, и затоа некако ме заобиколуваа наградите. Се' до „Дунек“, за кој ги добив Климентовата награда и „Ристо Шишков“, вели на пензионирање Владимир Ангеловски-Дади, еден од легендит�� на македонското актерство и естрада
Јасминка Павловска
По 44 години, 10 месеци и седум дена минати како актер во Драмскиот театар, со 5.000-6.000 одиграни претстави и 500 улоги, Владимир Дади Ангеловски од 23 мај годинава, со потпис и печат на решението, официјално е пензионер. Но, тоа никако не е крај на актерската приказна на Дади Ангеловски, туку само еден административно-социјален статус што не го менува неговото себечувство како артист.
„За себе постојано повторувам дека сум се родил како артист и таков ќе умрам“, го започнува пригодно пензионерскиот разговор Дади Ангеловски, во неговиот народно-ораторски манир, како некакво логично продолжение на некои претходни муабети. „Се' додека артистот може јасно да изговори реченица, има јасна мисла, никој не може и не треба да го запре во глумата. Исто како и попот. Да, да можев да бидам и поп, зашто сите од семејството на татко ми, поп Боро, беа попови“, прави мала дигресија Дади, па продолжува: „Но, кој ќе ги игра улогите за моите бели коси, за мојата мисла, за мојата зрелост? А има многу такви улоги. Но, такви се законите земни - на одредена возраст треба да се замине во пензија и да им се отстапи место на младите. Што, секако, е в ред. Но, секако, тоа не ја задушува мојата актерска побуда“, ентузијастички вели Дади.
Целиот работен стаж бевте актер во Драмски театар. Пензионирањето, сепак, е некаква причина за „повлекување црта“ и сумирање на се' што сте вложиле во професијата и она што ви е вратено како сатисфакција. Како му доаѓа „сметката“?
- Навистина е добро одвреме-навреме да се сведат „сметките“, ха, ха. Но, ако веќе пресметувам и ако ги земам предвид годините минати како актер во детската радиодрама, ќе излезе дека имам 60 години стаж. Па, јас во актерството сум од дете. Но, сепак, според земните закони, нели, стажот ми се пресметува од 1 септември 1967 година, кога добив решение во Драмски театар, а претходно една година играв на сцената како хонорарец. И таму останав цел работен век без речиси никакво отсуство. Всушност, два пати отсуствував од здравствени причини, но кратко. Еднаш, кога скршив нога на скијање на Попова Шапка - и тоа на 8 март. Некако ме пренесоа со жичарницата (иако снема струја) до болница, ме спастрија, ме оперираа и по еден-два дена доаѓа на посета тогашниот директор на Драмски, Ристо Стефановски, па ми вели: „Ајде, ништо не ти е. Ќе ти помине како на кутре и за една недела да дојдеш на работа“. И навистина дојдов. Тогаш ја подготвуваме претставата „Баш Челик“, што ја режираше брат ми Коле Ангеловски. Поради мојот гипс тој смисли, приказната за Баш Челик да ја раскажува дете што ја скршило ногата. Со таа претстава заминавме на фестивал во Шибеник и ја воодушевивме критиката што беше восхитена од решението на Коле со идејата за болно дете. Сите веруваа дека гипсот на ногата ми е „костум“.
Второто отсуство беше во 2000 година, кога имав интервенција на срцето кај Жан Митрев. Тогаш ми ја доделија Климентовата награда за улогата на Дунек, во истоимената претстава според текст на Ненад Вујадиновиќ. Требаше да ја добијам наградата само по седум дена од операцијата и малку бев резервиран. Но, Жан Митрев, честитајќи ми ме охрабри и ми рече дека треба да одам и лично да ја примам наградата. И така, седум дена по операцијата станав на нозе. Сум немал други оправдани и неоправдани отсуства од Драмски театар. И убаво е кога цел работен век ќе се мине во една институција, речиси од создавањето, кога растеш и се развиваш професионално заедно со театарот. Имам играно во 5.000-6.000 претстави и околу 500 улоги. Оние претстави, кои се гордост и клучни за историјата на театарот, се дел и од мојата биографија. „Солунски патрдии“ ја игравме 30 години, во иста постава. Па, „Рибарски караници“ ја игравме повеќе од две децении, а со „Јане Задрогаз“ на Унковски го свртевме цел свет: игравме во Венецуела, на Бродвеј, во Париз, со освоивме „Сетрииното позорје“... Ух, нема време за сите сеќавања.
Имате одиграно улоги и претстави што, веројатно, се премногу и за неколку биографии, но првата асоцијација кај публиката за вас е актер- комичар!
- Во целата моја кариера јас бев она што само може да посака еден актер. Иако сум актерски „необразован“ (завршив студии по книжевност, зашто тогаш немаше актерска академија во Скопје), во Драмски театар, сепак, дојдов како ѕвезда од детско-младинските театарски претстави. Значи, од дете почнав да глумам во Детската радиодрама и бев трикратен првак на Југославија во детски радиодрами. Во некогашниот Детско-младински теа��ар во скопското кино „Младина“ го играв Оливер Твист. Со доаѓањето во Драмски театар со Ленче Делова ја одигравме „Принцот и просјакот“- таа беше принцот, а јас просјакот. Со трилогијата „Златни години“ со претставите „Чук, чук Стојанче“, „Баш Челик“ и „Шекспир во приказни“ настапивме и на „Дубровничките летни игри“, мислам дека не се случило таму да гостува детска претстава.
Потоа некако дојде периодот на комедии во Драмски театар, со претставите што беа навистина долговечни, како што се „Солунски патрдии“, „Рибарски караници“, „Викенд на мртовци“, така што на публиката и' бев најмногу пред очи токму со комичните улоги. Тоа, секако, е повеќе од доволно да те перцепираат во еден жанр. Комедијата навистина е исклучително тежок жанр и отсекогаш сум го почитувал. Но, критиката, а и публиката кај нас никогаш не успеала да го сфати и прифати тој аспект на комедијата, па, веројатно, и затоа некако ме заобиколуваа наградите. Се' до „Дунек“, за кој ги добив Климентовата награда и „Ристо Шишков“, а многу претходно „13 Ноември“ за трилогијата „Златни години“. Последните улоги во „Мефисто“, „Ветрот низ тополите“ и „Мала тезга за стари коловнови“, се од оние кога се смееш, а имаш мачнина во желудникот.
Уште еден стереотип што ве следи, веројатно, во текот на целата кариера е: „Дади, братот на Коле“. Како се справувавте со тоа?
- Па, да, веројатно најдолго време во животот сум бил братот на Коле. Сум бил и синот на поп Боро и учителката Костадинка, внукот на Тодорка Кондова, сопруг на Наде, татко на Илина и Костадинка..., но ете најдолго братот на Коле. А често и не' мешаа, па еднаш дури имам и земено награда во име на Коле. Тој навистина беше многу популарен во СФРЈ, сними педесетина филма, ги мина сите филмски офанзиви, добиваше награди. Едно време реагирав и се трудев да објаснувам: „Не сум Коле, јас сум Дади“, но брзо кренав раце од тоа. Всушност, никогаш немало некаква љубомора меѓу нас. Често соработувавме и имам играно во речиси сите претстави што ги режирал Коле. Па, и не е лошо да се биде брат на Коле!
Покрај речиси 45 години во Драмски театар, не останавте само актер од штиците што значат живот. Вие и' припаѓате на онаа група што направи премин на актерите кон естрадата. Некои колеги ве обвинуваа дека ја девалвиравте професијата. Ја прифаќате ли „вината“?
- Кога почнував на естрадата и самиот реагирам во стилот: „Јас ли да играм во кафеана?“ Но,кога влегов во тие води, станав цар. За тоа е потребно големо мајсторство, да ги одржиш вниманието и концентрацијата на луѓе што имаат поинаква претстава за забава и култура од театарската публика. Во театар вниманието се добива „на готово“, а во кафеана, на плоштад или во кој било друг простор, треба да се заслужи.
Работевме неколку колеги, поделени на тимови. Јас бев во тимот со Игор Џамбазов и тој е извонреден партнер. Реагираше веднаш на актуелната ситуација, правеше песни... Едноставно владеевме и со отворените и со затворените сцени. Направивме три „Хумористични партии“, учествував 15 години на „Глумците пеат“, три-четири години изведувавме вистински мјузикли на таа манифестација. Не се чувствувам виновен за мојата естрадна кариера. Многу колеги сакаа, но се плашеа да влезат во естрадата, па станаа водители на партиски митинзи и синхронизираат турски серии. Да не бидам сфатен погрешно - не го омаловажувам нивниот труд. И самиот знам колку е потребна умешност да му дадеш „нов идентитет“ на ликот што го синхронизираш. Можеби, не синхронизирам турски серии, но го изградив „македонскиот идентитет“ на цртаните ликови Тошо Мачорот, Душко Долгоушко, Штрумфови... Сепак, верувам дека не е тоа крај на моето актерство. И натаму ќе доаѓам во бифето во Драмски, иако одамна атмосферата не е жива и актерска, како што е запаметено во урбаните скопски легенди. Тоа се случи кога политиката и политичарите се наметнаа пред уметноста. Но, ете, многу видовме, многу научивме во животот, па ќе успееме да се справиме и со овие времиња. |