Автобусите без електронска наплата ќе бидат надвор од превозот
Приватните мора да ги исполнат обврските од Меморандумот потпишан со Градот
Снежана Калабакова
Иако електронската наплата во приватниот градски превоз на патници стартуваше vo почетокот на септември, се' уште многу малку граѓани можат да ги користат овие привилегии и да се возат по промотивна цена од 15 денари, која ќе важи до 15 октомври. Од фирмата „Ксмет карт“ велат дека процесот бара време. Засега, валидатори имаат деведесетина автобуси, а 25 трговски фирми потпишале договори за инсталирање на апаратите „ричарџери“ за надополнување на електронските картички.
Сепак, патници се жалат дека има возачи кои, и покрај инсталираните апарати и пријавените картички, бараат 25 денари во кеш. Од „Ксмет карт“ советуваат дека во вакви случаи патникот има право да се вози без да плати! Но, дел од превозниците не се многу заинтересирани за брзо воведување на електронската наплата, бидејќи сметаат дека валидаторите се голема инвестиција, шпекулирајќи дека чинат од 2 до 4 илјади евра. Од „Слобода превоз“ и „Ксмет карт“ тврдат дека тие чинат 2.790 евра, а превозниците имаат можност да ги добијат на кредит со тригодишен период на отплата. Превозниците, пак, од „Мак-експрес“ велат дека распишале сопствен тендер за набавка на валидатори и очекуваат да ги добијат од друга турска фирма по многу пониска цена.
Ставот на првиот човек на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, е дека превозниците кои нема да стават валидатори за употреба на новите електронски картички значи дека не сакаат сериозно да се занимаваат со оваа дејност, па ќе мора да си заминат од јавниот превоз. Сите учесници, вели Јовановски, мора да ги исполнат обврските утврдени во Меморандумот што го потпиша претпријатието со Градот, а основната е да воведат електронски систем на наплата, како еден од предусловите за добивање дозвола за работа. А, бидејќи со тоа се решава и прашањето на фискализација на приватниците, оние кои нема да влезат во системот, ќе мора да ги сносат последиците пред УЈП.
„Градот ни дава рок до крајот на годинава да се заврши процесот на инсталирање на апаратите за електронска наплата. Секој што не ставил валидатор ризикува да биде санкциониран од институциите на системот. Ние немаме казнени мерки за непослушните, освен што можеме да не им издадеме патен налог“, објаснува Јовановски.
Стерие Димитровски, директор на „Ксмет-карт“ во Скопје, вели дека со трговските друштва најнапред склучуваат договори за продажба на картичките, а потоа им ги инсталираат ричарџерите што чинат 1.000 евра. „Ние комплетно и бесплатно ја инсталираме опремата, а трговците однапред мора да ги платат само картичките“, објасни Димитровски.
„Првично од фирмата ни бараа по 300 евра за инсталирање на ричарџерите, а кога видоа дека цената им е неприфатлива, се откажаа. Сега однапред плаќаме само за картичките, од чија продажба заработуваме 10 отсто, а од ричарџерите за нивно надополнување само 2 отсто“, вели еден трговец, кој сакаше да остане анонимен. |