Ќе се реконструираат 24 мовчиња во Градски парк
„Паркови и зеленило“ неделава ќе започне со реконструкција на 24 мовчиња во Градскиот парк. Според проектот, што го подготви јавното претпријатие, на премините преку каналите во паркот ќе се стават комплетно нови дрвени талпи, на местото на старите кои не се сменети десетина години. Реконструкцијата треба да заврши до крајот на годината, кога на мовчињата во првиот дел од паркот ќе биде поставено и осветление.
Од 24 мовчиња за премин преку каналите кои ги поврзуваат езерцата, 15 се со дрвена подлога, 3 се железни и 6 се бетонски, информираат од „Паркови“. Голем дел од дрвените мовчиња се оштетени, штиците се откорнати, искршени или украдени и претставуваат опасност за минувачите. На сите ќе им бидат целосно заменети талпите со нови и квалитетни, а во иднина и трите железни мовчиња ќе бидат дрвени. Бетонските ќе се поправат, а на сите приодите и влезните скали ќе се поплочат со камени плочи.
На мовчињата во првиот дел на паркот ќе биде поставена нова ограда, додека во вториот дел оградата ќе се поправи. За зајакнување на постојната конструкција ќе се постават и метални профили. Со реконструкцијата мовчињата со скали ќе станат достапни и за хендикепираните лица, бидејќи дополнително ќе се поставуваат коси рампи за премин.
Реализацијата на целиот проект ќе чини 10 милиони денари, што ќе ги обезбеди Градот Скопје од својот буџет. Во „Паркови“ информираат дека ова е прва сериозна реконструкција по подолго време, бидејќи досега мовчињата само инцидентно се поправаа со неквалитетно дрво. (С.Н.) |