Били Ајдол инсистира на македонско пиво и на вода од островот Фиџи

Оброците мора да бидат послужени во кинески порцелан, а на масите да има ленени чаршафи
Катерина Шекеровска
Светската ѕвезда Били Ајдол ќе се загрева пред концертот на 20 јуни на скопското Кале со најпознатото македонско пиво „скопско“! Легендарниот британски рокер инсистир��л да му се обезбеди најдобро македонско пиво, а останатите детали околу неговата рајдер листа и посебни побарувања остануваат деловна тајна меѓу неговиот менаџмент и домашните организатори на концертот, „Авалон продукција“.
Како што дознаваме, Ајдол и неговата четириесетчлена екипа инсистираат да јадат исклучиво во чинии од кинески порцелан и метален прибор за сите оброци. На масите мора да има ленени чаршави и салвети, а особено треба да се внимава на квалитетот на прехранбените производи и нивната презентација.
Во соблекувалната на Били Ајдол организаторот треба да обезбеди грејач за вода, четири керамички шолји, десет хартиени чаши за кафе, една кутија чај за грло „Traditional Medicininals“, четири шишиња „Pedialyte“, оралниот електролит, специјално направен за надоместување на изгубените течности и минерали, со мали количества шеќери, со вкус на грозје, портокал или, пак, обичен, шест шишиња природна вода „Volvic“ (потекнува од вулканско почва на Оверн во Франција) или вода „Figi“ на собна температура, која е црпена од артерските бунари на пацифичкиот остров Фиџи. Соблекувалните на Ајдол и на неговата екипа треба да бидат внимателно декорирани и аранжирани. Меѓу другото, неофицијално, британскиот панк-рокер побарал во својата гардероба да има и штица за пеглање и пегла, две огледала, миризливи свеќи и 20 нови и испрани крпи.
Ајдол и неговиот бенд бараат и три фрижидери со вода, мраз и селектирани пијалаци, како и еден пакет природна изворска вода „Евијан“, која треба да биде на собна температура. Во бекстејџот треба да има и две телефонски линии и Интернет.
Три правила важат за време на сите гостувања на Били Ајдол каде било во светот: рециклирање, без употреба на стиропор и користење на оригинални садови и кујнски прибор, со минимално фрлање хартија, пластични отпадоци и остатоци од храна.
Патем, по завршувањето на концертот организаторот треба да обезбеди и мени од локални реномирани ресторани во кои ќе бидат вклучени вегетаријанска, риба и опција со месо за исхрана на бендот. Членовите на бендот, исто така, побараа да им се обезбедат и билни чаеви, свеж сок од портокал, пиво „бекс“, „корона“ и „хајнекен“, печено пилешко, енергетски крем од јагоди „миоплекс“, кој го користат билдерите и кој содржи 26 витамини и минерали...
За потсетување, Били Ајдол ќе ја посети Македонија во состав на својата европска турнеја на која покрај бендот го придружува и легендарниот гитарист Стив Стивенс. По Скопје, Ајдол веднаш ќе отпатува на концерт во Белград (21 јуни), еден ден подоцна ќе настапи во Загреб, а на 23 јуни ќе одржи концерт во Љубљана. Концертите ќе имаат бест оф програма: „White weeding“, „Flesh for fantasy“, „Sweet sixteen“, „Speed“, „LA Woman“, „Dancing with myself“ се само дел од големите хитови на легендата, чиј последен албум „Devil's Playground“ дојде по негово дванаесетгодишно отсуство од сцената. |