Под наслов „Визуелизација на моментот“ во Домот на култура „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци е отворена изложба на ликовната уметница Христина Зафировска, каде што се презентирани 22 слики, работени во техника акрил. Изложбата во овој град доаѓа по презентацијата во музејската куќа „Робевци“ во Охрид и во Уметничката галерија „Безистен“ во Штип.
Христина Зафировска (1983) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во 2007 година, на отсекот сликарство, насока графички дизајн во класата на проф. Симон Шемов. Член е на ДЛУМ од 2009 година. Ова е нејзино четврто самостојно презентирање. (К.Б.)