„Мајки“ премиерно во Скопје
Реакциите и мислењата по проекцијата на филмот се различни, но она што е сигурно е дека овој филм никого нема да го остави рамнодушен
Невена Поповска
Политичкиот врв, пратеници во парламентот, колегите актери, претставници на културниот живот на земјава и љубители на филмот, вчера во киното „Милениум“ ја проследија скопската премиера на „Мајки“, најновиот филм на Милчо Манчевски.
„Мајки“ го претставува враќањето на Манчевски и ги портретира сите типови мајки: посветени, мили, отсутни. Преку ликовите Манчевски ги претставува лицата за човечката трагедија и радост. Користејќи иновативна структура - трите приказни во „Мајки“ ги отсликуваат комплексните врски на вистината и функцијата, драмата и документарецот. Која е природата на вистината?
Две деветгодишни девојчиња пријавуваат егзибиционист иако никогаш не го виделе. Три режисери ги сретнуваат двајцата жители на едно напуштено село - постар брат и сестра, кои не зборувале меѓу себе 16 години. Пензионирани хигиеничарки се најдени силувани и задавени во мал град. Приказната полека се претвора во документарец.
Режиран со остриот поглед за современа Македонија филмот не користи јасни наративни елементи принудувајќи го гледачот да се соочи со сопствените дефи��иции за филмската реалност.
Филмот трае 128 минути и е одлично донесен преку играта на актерите Ана Стојановска, Владимир Јачев, Димитар Ѓорѓиевски, Ратка Радмановиќ и други, но и документарниот дел донесува информации што досега не и' биле познати на јавноста или барем не на ваков начин.
На завчерашната премиера присуствуваше и режисерот Манчевски со целата филмска екипа, кои од публиката по завршувањето на проекцијата беа испратени со аплауз.
Филмот „Мајки“ светската премиера ја имаше на Филмскиот фестивал во Торонто, наредниот месец ќе се прикажува и на Филмскиот фестивал во Сао Паоло, тој е македонски кандидат за „Оскар“ и е селектиран за идниот Берлински филмски фестивал.
Реакциите и мислењата по проекцијата на филмот се различни, но она што е сигурно е дека овој филм никого нема да остави рамнодушен. „Ова е филм за природата на вистината“, вели Манчевски. „Она што ме интересира“, продолжува тој, „е разбивања на табуата, на клишеата, на границите, на жанровите. Имаше две работи: едната е дека не сакав да ни биде битно дали приказната се случила или не, дали е вистинска или не е вистинска, дали е обработена како документарец или не, а втората работа беше што сакав да ги соочам играното со документарното и во моментот кога тие се соочуваат во едно дело, мислам дека во главата на гледачот се случува еден скок или еден курцшлус, во зависност од тоа како е изведено или како гледачот го гледа и се создава нов квалитет“.
Документарниот дел од „Мајки“ предизвикува најмногу реакции со оглед на тоа што се прикажани снимки, па и факти што досега не биле презентирани во јавноста.
Додека на битолската премиера присуствуваа претседателот Ѓорге Иванов и министерката за култура, Елизабета Канчевска-Милевска, скопската премиера ја проследија премиерот Никола Груевски и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
Филмот на Манчевски ќе се прикажува во киното „Милениум“ во наредните неколку месеци, толку долго колку што ќе има интерес за него. |