Број 3410  вторник, 19 октомври 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон
Вести








Site Meter
Култура

Носталгична, но манипулативна сторија за Македонија

Кон „Мајки“, режија и сценарио Милчо Манчевски, улоги: Ратка Радмановиќ, Салаетин Билал, Ана Стојановска, Владимир Јачев, Димитар Ѓорѓиевски, Милијана Богданоска, Емилија Стојковска, Диме Илиев

Сунчица Уневска

„Вистина, само вистина и речиси ништо освен вистина“ е мотото на новиот филм на Милчо Манчевски „Мајки“. Тоа е оној стожер, кој треба да ги поврзе трите приказни во овој филм сместени во Скопје, Мариово и во Кичево, низ кои Манчевски се обидува да направи еден пресек на сегашноста во Македонија, пресек во кој неминовно се поместени и минатото и иднината. Мајките во него се отсутни и небрежни, но тие се и невини жртви, тие се и напуштени и оставени сами, препуштени на судбината, тие се и причина за злото, но и симболот на љубовта и на домот. Манчевски низ трите многу различни приказни меѓу себе говори за фактите и лагите, говори за судбините и промените, говори за едно општество кое може да биде сместено секаде, а на кое особеноста му ја даваат неговите ликови испреплетени со карактеристичните архетипски ситуации.

Филмот „Мајки“ беше најавуван како експериментална синематска структура, со што не би се сложиле. Во него нема ништо експериментално, освен што во една целина заедно се ставени два играни и еден документарен дел, кои, пак, сами за себе ја користат класичната играна и документарна матрица. За ваквиот спој не би можеле да речеме дека играниот дел прераснува во документарен, бидејќи тие не се никако поврзани. Стожерот им е даден отпосле, како една замисла на авторот да проговори за замислените и вистински судбини, низ симболот на мајката, во семејството, во општеството, но и низ неминовните архетипски ситуации, како симбол на траењето, на животот, на сето она што го носиме како оставина... Колку таа замисла функционира зависи од гледачот и од неговата имагинација, бидејќи природна и функционална поврзаност не е постигната, без оглед што приказните секоја за себе е интересна (барем како идеја) на свој начин.

Филмот започнува во Скопје, со приказната за две девојчиња, кои пријавуваат во полиција манијак што воопшто не го виделе, па дури и го препознаваат. Идејата на Манчевски за еден сосема поинаков урбан свет во старото Скопје, кое тој на емотивен и носталгичен начин го прикажува низ својата камера со целиот хаос, невнимание и празнина, и со целиот спој на старото и новото, всушност, е да проговори за некои други клинци и нивните отсутни и небрежни мајки, кои се грижат за имиџот и надворешноста, но не и за внатрешноста. Целиот апсурд и иронија во оваа случка кулминира токму со доаѓањето на мајката на крајот на оваа приказна и со нејзиното бесмислено однесување. Но, она што е недостаток на овој дел е што тој останува на идеја. Сето тоа е добро снимено, со многу детали, но и со многу исфорсирани моменти, со цел да ја објасни идејата, но не и да ја развие приказната. Се останува многу наивно, многу детски и нереално, се останува на ниво на замисла која не прераснува во филм.

Вториот дел кој не води во прекрасните предели на напуштеното Мариово, всушност, е и најубавиот дел од филмот. Низ него Манчевски ќе успее да прераскаже една топла приказна, која жестоко зборува за животот, за неговата апсурдност и тага, за неговата убавина и траење, за минатото и сето она што запретано останува некаде, се' додека не успееме на вистинскиот начин да допреме до него. Братот и сестрата, стари Мариовци, кои се единствени жители во селото, што останале сами, па, сепак, не зборуваат 16 години. Има некоја неверојатна силина во овие ликови, во нивната несфатлива поврзаност, која алудира на сето она што овие предели и луѓе низ својата мистичност и недофатливост, го симболизираат.

Тие се оставени сами, но нивната чудна поврзаност со природата, со минатото и со сеќавањата, му дава неверојатен живот на ова село и на целата симболика што извира од него. Младите филмаџии, кои сакаат да направат еден запис за времето, за историјата, за земјата, за луѓето, наеднаш ќе влезат во оваа исклучителна приказна стопувајќи се со неа. Минатото, навиките и обичаите, предметите и приказните поврзани со нив, се најкомплетниот дел во оваа сторија за Македонија, но што е уште поважно, најавтентичниот, најоригиналниот и најфилмичниот. Штета што од него не е направен филм. Улогите на Салаетин Билал и на Ратка Радмановиќ се неверојатни, но одлични, многу природни и длабоко доживеани се и ролјите на Ана Стојановска, на Владимир Јачев и на Димитар Ѓорѓиевски.

Третиот дел е документарецот за случајот со новинарот Владо Таневски, со што и започна целиот овој филмски проект, кој подоцна прерасна во играно-документарен. Но, третиот дел, иако класичен документарец, е и најслабиот дел од овој филм. Во него Манчевски хронолошки се навраќа на настаните поврзани со случаите на убиствата на жени во Кичево, правејќи документарен филм, кој на крајот и нема никаква поента. Поентата ја добива во склопот со играните стории, додека сам за себе е предолг, со премногу непотребни делови, конфузен во обидот да биде објективен, а, сепак, нагласено водејќи ја така приказната како вината на Владо Танески да е неспорна. Има одредена манипулација во сето тоа, која е навистина непотребна, и која подоцна, во севкупниот контекст како да се обидува да ја оправда.

Се' на се', третиот дел изобилува со податоци, како Манчевски да се обидувал буквално да стави се'. Од профилите на жените што се убиени, на нивните семејства, до оние што ги нашле телата, преку доказите, обдукциите, фактите, но и претпоставките околу тоа што се случило. Начинот на кој се дознало, медиумската лавина, за што зборува познатиот новинар Ерол Ризаов, кој вели дека оваа приказна за новинарот кој навечер убива, а наутро пишува за тоа, одекнала како бомба. При крајот Манчевски прави профил на Таневски, од една страна, алудирајќи на целата апсурдност на оваа приказна, но од друга, давајќи ја, сепак, како готова приказна... Во овој документарец, чија мотивација за таков детален пристап не е јасна, Манчевски наоѓа начин да ја спомне и партијата на власт, да го спомне најголемиот митинг и да го прикаже премиерот. Штета, бидејќи без манипулирањето целата оваа приказна можела да има малку пообјективен и помалку оптоварен пристап.

Сепак, во целина филмот остава впечаток, пред се', со својата идеја, со успешниот обид да се проговори за Македонија низ сегашната, но и низ визурата на минатото, со интересните и провокативни ликови и ситуации, со визуелната и музичка подлога на Влатко Самоиловски и Иван Василевски Новоградска, а на крај и со приказната за новинарот, која предизвика големо интересирање во светот. Филмот има многу недостатоци, ако ги гледаме приказните одделно, но како целина добива некоја завршница, особено кога на крај е направен спојот на регистрирање на овие неверојатни стории за некое идно време, за нашите деца, за нашите внуци. Има во сето тоа некоја силна порака, дека од нив треба да учиме, оти не треба да се заборават, дека минатото мора да е дел од нас, за иднината да биде поинаква. Тоа е она што на филмот му дава поинаков призвук, и покрај недостатоците. „Мајки“ е филм за вистината и за лагите, а тоа е нешто што не може да не' остави рамнодушни.


#
Статијата е прочитана 1075 пати.

Испрати коментар

Од: karo
Датум: 19.10.2010 13:27:52
Tonot na tekstot e ist kako edna replika od filmot "nema nitu eden relevanten dokaz, osven nekoja DNA"...
Од: oka
Датум: 19.10.2010 15:06:45
Одличен филмски експеримент. Манчевски, дефинитивно е новиот филмски Пикасо. Како хемичар во лабораторија, тој уште еднаш експериментира, овојпат радикално, свесно дистанцирајќи се од топлите бои на холивудскиот целулоид. И истражува, ставајќи ги гледачите во бескомотната позиција да се соочат со животот и да размислуваат за неговата едноставна суровост.
Од: питер
Датум: 20.10.2010 08:48:23
Текстов е типичен пример за недолседноста на новинарот а особено за филмски критичар. Не може нешто истовремено да биде ,лош обид , и остварување кое не тера да се подзамислиме. Од напишаното произлегува дека филмот Мајки не чини за ништо.

Најди! во Утрински
Култура
Доаѓа светската џез-сцена
„Мајки“ премиерно во Скопје
Изложба на Христина Зафировска
„Синестезија“ за Денот на Музејот на Белград






EU to move ahead on Serbia accession, add tough conditions
Bulgaria's landmark anti-mafia case unravels
Hungary waters down procurement rules for EU presidency