Евреи ќе го свират Вагнер

Омилениот композитор на Адолф Хитлер беше забранет 70 години во Израел
Ерусалим - Израелски камерен оркестар денес ќе настапи на фестивал во германскиот град Бајројт, каде што ќе изведе дело на омилениот композитор на нацистичкиот фирер Адолф Хитлер, Рихард Вагнер, со што ќе го урне табуто за овој германски композитор што постои во Израел веќе седум децении.
Според диригентот на оркестарот, Роберто Петерностро, чии родители го преживеале холокаустот за време на Втората светска војна, време е сфаќањето за Вагнер да се разграничи од неговата музика.
„Идеологијата и антисемитизмот на Вагнер биле ужасни, но од друга страна тој е голем композитор. Наша цел е во 2011 година да го одделиме човекот од уметноста што ја создал“, изјави Патерностро.
Израелскиот оркестар на отворањето на Фестивалот во Бајројт ќе го изведе делото на Вагнер „Зигфрид“.
Изминатите години некои израелски музичари се обидуваа да свират дела на Вагнер во својата родна земја, но таквите обиди наидуваа на свирежи од публиката и нејзино напуштање на концертните сали и предизвикуваа жестоки дебати во јавноста.
Поучени од ваквото искуство, претставници на израелската влада дури најавија дека ќе ги укинат субвенциите за камерниот оркестар доколку навистина настапи на Фестивалот во Бајројт со делото на Вагнер.
Вагнер, кој бил омилен композитор на Хитлер и чии дела биле воспевани во нацистичка Германија, со децении претставува табу во Израел и таму досега не е изведено ниту едно негово дело. |