Што пишуваат весниците во светот
Оружје и големо количество муниција запленето во Израел

Оружје и големо количество муниција вчера заплениле израелските власти во брод што пловел во Мртво Море. Властите ги испрашуваат двајцата Палестинци што биле на бродот што превезувал автоматски пушки, муниција и друго оружје.
Талибанска бруталност
ИТ е видеозапис што ќе направи да се уплашат не само апологетите, туку и најгласните поддржувачи на талибанците. Aрмијата го прогласи за автентичен видеозаписот објавен од терористите, на кој се гледа егзекуцијата на 17 припадници на пакистанските безбедносни сили заробени од Терик-и-Талибан Пакистан, огранокот од долината Сват. ��ажите, вклучувајќи и полицајци и регрути што ги опслужувале контролните пунктови во градот Шалталу, заробени се од вооружени милитанти во напад од другата страна на границата од Авганистан на 1 јуни. Вознемирувачките снимки покажуваат како мажите безмилосно се покосени, по што следуваат морничавите зборови од талибанскиот командант: „Тие се непријатели на религијата на Алах. Тие се отпадници. Алах ни нареди да ги убиваме таквите луѓе“. Значи ова е нивниот концепт за муслиманска вера, која поради тероризирачките тактики на мал број нејзини следбеници, почна да се гледа со сомневање од страна на многумина на Запад и на други места. Вака талибанците го оправдуваат убиството.
Со оглед на серијата слични напади од другата страна на границата во изминативе неколку недели, се поставија релевантни прашања што се однесуваа на идентитетот на напаѓачите. Сите докази упатуваат на иста група пакистански талибанци што биле истерани од Сват и од други области во Макаланд пред две години по операцијата на армијата.
Модата е слуга на големите банки
Врвниот италијански дизајнер Џорџо Армани обвини дека сегашната состојба во модната индустрија е во рацете на високите финансии наместо во самите модни куќи. Говорејќи по последниот ден од модната недела за машка облека за сезоната пролет/лето во Милано, коментарите на Армани беа не толку суптилен напад и врз ривалот „Прада“, која неодамна беше котирана на берзата во Хонгконг.
„Веќе некое време сакав да кажам нешто во врска со ова и сега дојде време за тоа: модата е во рацете на банките и на берзата“, изјави Армани пред новинарите. „Таа повеќе не им припаѓа на сопствениците, туку на оние над нив. Не можам да разберам како банките влијаат врз нашата линија на работа – тоа е мистерија“. На прашањето дали коментарите се однесуваат на потегот на „Прада“ во почетокот на јули да стане првата најголема европска модна куќа што ќе биде заведена на берзата во Хонгконг, Армани (76) рече:„Јас немам долгови. Наместо тоа, проблемот на ’Прада‘ е во тоа што тие треба да ги вратат парите што ги потрошија банките за изградба на брендот“.
Армани изјави дека преферира да остане независен и не планира да ја продава компанијата. „Има илјадници начини за заработка на пари. Но, за мене, не сакам да завршам на тој начин што ќе треба да тропам на вратата на некои тајландски менаџери за да се објаснам себеси“.
|