Наивноста ги вовлекува младите во трговијата со луѓе
Во истражувањето на НВО „Престиж“ од Битола, беа вклучени 500 средношколци
БИТОЛА - Наивноста и отсуството на едукација е причината што младите Македонци лесно влегуваат во мрежата на трговија со луѓе. Ова е заклучокот од неколкумесечното истражување на невладината организација „Престиж“ од Битола, во кое беа вклучени околу 500 средношколци од државата.
„Причините за инволвирање во оваа форма на ропство е наивноста на младата популација. Со нив многу малку се зборува и во семејството, токму поради кусокот од време на родителите да им посветат повеќе внимание на своите деца. Но, и во училиштата отсуствуваат наставните програми и разговорите со професорите на овие теми. Токму непознавањето на опасноста од трговијата со луѓе за некои деца прераснува во предизвик да се впуштат во овие води“, вели Маса Димиќ, претседател на „Престиж“.
Во канџите на современото ропство, според анализите, најмногу се инволвираат млади девојки од социјално загрозени семејства, а старосната граница е спуштена неколку години подолу.
„Во последно време посебно се инволвираат млади девојки од 13 години. Ако порано ни беа целни групи повозрасните тинејџери од трета и четврта година, сега најкритични се основците од седмо и осмо одделение. Факт што загрижува,“ предупредуваат невладините организации.
Според Димиќ, во ваквата трговија децата можат да се искористат и за проституција и за педофилија. Меѓутоа, и за раѓање на деца и за трговија со нивните бебиња, како и за трансплантација на човечки органи.
Македонија е една од државите во развој во која, поради долгогодишната транзиција на општеството, тешко може да се сопре трговијата со луѓе. Единствениот начин да се ублажат состојбите е едукацијата на младата популација преку образовниот процес. (А.Б.) |