Недозволена љубов причина за тепачка во Кавадарци
КАВАДАРЦИ - Поради недозволена љубовна врска, вчера во утринските часови се случила тепачка меѓу две групи, во која учествувал и еден полицаец во цивил. Притоа, полицаецот Д.С го употребил и службениот пиштол.
Кавадарчаните М.Н. (42), К.Н. (45), М.Н. (42) и полицаецот Д.С (40) во утринските часови започнале потрага по малолетната ќерка на М.Н. Претпоставувајќи дека Т.Н. (17) е скриена во куќата на нејзиното момче Р.А. (18), кој е од ромско потекло, насилно влегле во домот, правејќи голема врева и малтретирајќи ги останатите членови од семејството. Настанала општа мешаница, а во тепачката се вклучиле и блиските на момчето, С.А. (25) , Е.А. (18) и Б.Е. (33). Најдебелиот крај го извлекол Е.А., кој заработил повеќе модринки и гребаници, додека С.А. тврди дека полицаецот прво испукал еден проектил во воздух, а потоа му го вперил пиштолот в глава.
Според кажувањето на членовите од семејството, кои беа видно потресени, девојката која ја барале никогаш немала отидено во нивната куќа. Се жалеа дека непотребно биле малтретирани и најавија дека правдата ќе ја бараат докрај.
Од кавадаречката полиција потврдуваат дека причина за тепачката во куќа на улицата „Страшо Пинџур“ број 90 е недозволена љубовна врска и дека за заплашување, полицаецот вмешан во тепачката испукал еден проектил во воздух. За него најавија и дисциплинска постапка. (А.Д.) |