Промоција на книгата „Алтернативен театар во Македонија“ од Љубиша Никодиновски-Биш

Во кафе-книжарницата „Магор“ во Прта Буњаковец, вечерва (сабота) со почеток во 20 часот ќе биде промовирана книгата „Алтернативен театар во Македонија“ од Љубиша Никодиновски-Биш.
Книгата ќе ја претстават проф. д-р Кирил Темков и проф. д-р Владимир Милчин.
Во првото поглавје „Филозофската и естетичката суштина на алтернативата“ д-р Никодиновски не запознава со поимот и филозофската суштина на алтернативата, како “другост”, како она што следи нови патишта во животот и во културата и што отвора такви перспективи.
Во вториот дел на дисертацијата „Појавата на алтернативните театарски форми во Македонија“ ги претставува во обопштен вид раѓањето, развитокот и формите на театарската алтернатива во Македонија.
Во книгата д-р Никодиновски обработи во посебни глави неколку најзначајни театарски алтернативни пројави кај нас - Театарот „Кај Свети Никита Голтарот“, Театарот на Ромите „Пралипе“, Театарот „Чекори“ на Боре Ангеловски, Отворениот театарски универзитет на Естетичката лабораторија на Филозофскиот факултет во Скопје, Театарската работилница на Филозофскиот факултет („Зелена гуска“) во Скопје, алтернативните театарски пројави во Источна Македонија, Меѓународниот театарски фестивал „Млад отворен театар“ - МОТ, Поетскиот театар „Скрб и утеха“, заедно со низа други помалку значајни и помалку трајни и влијателни алтернативни театарски форми во Македонија. Сите групи се претставени со стандарден научен пристап и скрупулозна научна апаратура. Така прв пат во нашата наука и култура, не само збирно, туку исцело, детално и компаративно се претставени најзначајните наши алтернативни театарски концепции и дела.
Книгата има 272 страници, со Резиме на англиски јазик, богата библиографија, регистар на имиња, регистар на дела и претстави, голем број документи и фотографии. (Н.П.) |