Последен збор
Едоардо Сангвинети
1930-2010, поет
Неодамна во родниот град Џенова, во 80. година од животот почина италијанскиот поет Едоардо Сангвинети, добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 2000 година. Поет, прозаист, драматург, критичар и универзитетски професор, Сангвинети беше една од најмаркантните фигури на италијанската литература од втората половина на 20 век. Во поезијата се јавува во 60-тите години, како член на експерименталната Група 63 и како еден од најогнените претставници на неоавангарадата. Страста за смели јазични експерименти во литературата кај него одеше рака под рака со неговиот непоколеблив општествен и политички ангажман на страната на левицата. Tој себеси се сметаше за своевиден продолжувач на традицијата на големите поети на надреализмот, но и на Фројд, на Маркс и на Антонио Грамши. „Секој текст“, велеше „изразува една визија на светот, независно од темата која ја обработува. Затоа, за мене секој текст е идеен, а секој автор - ангажиран.“ Сангвинети беше осведочен пријател и на Македонија. Повеќе пати престојуваше во нашата земја, за која го врзуваа неколку искрени пријателства, но и контакти со официјалните културни и академски институции, кои беа крунисани со доделувањето на највисокото признание на фестивалот во Струга. (А.Ѓ.)
|