„Внатрешното око“ ми е главна алатка

Симонида Филипова-Китановска пријатно ја изненади публиката со своите 45 дела во мал формат
Со изложбата „Маскирани очи“ отворена во галеријата „ОКО“, сликарката Симонида Филипова-Китановска пријатно изненади многумина, распостилајќи ги своите нови, моќни 45 дела, во мали формати .
„Очите се маскирани, но, не можат да се сокријат од својата природа – порта кон човековата душа...“, посочи меѓудругото таа пред отворањето, за подоцна со нас да го сподели заедничкото изненадување од фактот дека токму таа серија на слики со очи, се најде токму во ОКО.
„Тоа беше се', само не испланирано. Оние што ја знаат мојата работа се навикнати на дела од големи формати, ама вистина е дека најмногу награди имам добиено токму за слики од мал формат. Се започна со неколку супер мали акварели 10 х 10 см, потоа следеше едно големо платно од 1,5х 2 м, а на крај дојдоа малите формати што сега доминираат во галеријата. Веројатно истражував текстури и препознатлив мотив во апстрактно опкружување“, рече, навраќајќи се на периодот кога и се создадени делата, во текот на зимата кога и стартуваше галеријата. Се сложи со нас дека тоа е навистина чудна коинциденција. „Ќе треба да внимавам во иднина кои мотиви ќе ги обработувам“.
На прашањето колку сликарите навистина се потпираат на сопствените и туѓите очи, при создавањето дела и доаѓањето до човековите души, Филипова одговори:
„Патот до вистината на еден уметник не е преку туѓите, очите на публиката. Нивните очи се за нивното толкување на вистината. Ако уметникот се обидува да им се допадне на „другите“ очи, веќе не станува збор за уметност. Толку за туѓите очи.
Очите на уметникот се рецептори поврзани со уметниковото аналитичко и естетско битие и тие три елементи заедно може да се наречат „внатрешно око“ – главен алат на сликарот“.
Нејзините изложби на ликовната сцена во Македонија, секогаш се со очекуван квалитет, а биографија говори за се' поголем број отворени порти и низ светот. Учествуваше неодамна и на ликовна колонија во Поградец, Албанија, на брегот на Охридското езеро, каде како и на секоја колонија, прв пат се запознала со сликари од разни држави.
„Тоа беше прекрасно искуство, а колонијата е организирана за прв пат токму годинава. Неизмерно ми беше драго и посебна чест, што на отворањето на мојава изложба на која имаше навистина многу колеги сликари, беа и оние со кои работев во Поградец. Колеги што дојдоа од Бугарија, Косово и од други градови од републикава“.
Годинава прв пат изложуваше и во Нови Сад, во галеријата „Мал салон“, а воедно тоа беше и нејзина прва посета на „прекрасниот град“.
„Прв пат настапивме во дуо со Маријета Сидовски, чии корени се од Нови Сад, а таа беше прекрасен домаќин. Изложбата беше дел од посебниот спектакл ’Ноќ на музеите‘, каде присуствуваа многу луѓе“.
Како сликарка што континуирано работи, изложува и продава дела, рецесискиот период во земјава кој на многумина им е непишано оправдување и за пасивност, го опиша на следниов начин: „Ако дејноста или активноста зависи од рецесии или периоди на благосостојба, тогаш сигурно не зборуваме за уметници ниту за уметност (барем не за оние вистинските)“.
Посочува дека рецесијата, сепак, влијае на продажбата на уметничките дела, но вели: „Ми се чини дека оние со вистински интерес кон уметноста, кои навистина неможат без да ја консумираат, секогаш наоѓаат начин и средства да купат слика.
Оние пак што немаат толку цврсти инстинкти, како и уметниците кои се пасивизираат, наоѓаат во рецесијата уште една причина да не купуваат уметнички дела. Овој феномен не зависи од длабочината на паричникот. Уметноста е цивилизација и нема место за компромиси“. |