На Берзата обврзниците поинтересни од акциите
Странските инвеститори учествувале на Берзата во јануари годинава во прометот со над 40 отсто: Иван Штериев
За 70 отсто паднал прометот со акциите, за исто толку пораснал прометот со обврзници
Соња Маџовска
Прометот на Македонска берза е преполовен, а странците се' уште се воздржуваат од инвестирање. Ваква е оцената за работењето на Берзата, според извештајот за првите шест месеци од годинава. Откако прва и најсилно го почувствува ударот на кризата, иако изминатиов месец покажа благо заздравување, сепак, Берзата тешко закрепнува. Во првата половина од годинава драматично е намален прометот со акции за речиси 70 отсто, на чија сметка, пак, се зголемил прометот со обврзници за исто толкав процент. Очигледно инвеститорите повеќе сакаат да вложуваат во посигурни и помалку ризични хартии од вредност. Издавањето на 8 емисија од денационализација, која стартуваше во април, беше главната причина за раздвижувањето на Берзата во мај.
Сепак, според полугодишниот извештај, најдраматичен е податокот за заминувањето на странците од Берзата. Тие за разлика од јануари годинава кога учествувале во прометот со над 40 отсто, во април се свеле на 6 отсто, а во јуни на 11 проценти. Движењата на Берзата годинава зависат, пред се', од домашните инвеститори, но тоа за директорот на Македонската берза, Иван Штериев, не е толку значајно.
„Има мал нето-одлив на странските инвеститори, но тоа не е толку значајно, бидејќи прометите се многу помали. Лани учеството на домашните и на странските инвеститори беше прилично изедначено, речиси по 40 отсто на двете страни. Постои тој тренд на отсуство на странците, но не е така нагласен“, вели Штериев.
Инаку, кумулативно за шест месеци на Македонската берза е остварен вкупен промет од 65 милиони евра, просекот на дневното тргување изнесува 500 илјади евра. Класичното тргување бележи пад од 54 отсто, акциите се намалени за 60 отсто, а позитивно е тргувањето со обврзниците, кое има раст од над 70 отсто. На годишно ниво растот на главниот индекс МБИ 10 изнесува 11 отсто, а мерено од најниската вредност на овој индекс постигната на 10 март, тој пораснал за 40 отсто.
Според Штериев, многу фактори се важни дали во втората половина од годинава може да се случи поголемо заживување на Берзата.
„Макроекономските состојби во земјава, шестмесечните резултати за работењето на компаниите, а потоа како на тоа ќе реагираат и инвеститорите, се фактори кои можат да влијаат на придвижување на берзата“, смета Штериев. |