За 300 евра паѓа цената на зелениот картон?
За дури 300 евра има шанси да падне цената на зелениот картон, но само за транспортерите извозници, неофицијално дознава „Утрински весник“ од владини извори. Ова точка била на дневен ред на завчерашната владина седница, но, сепак, е преместена за наредната недела.
Владата треба да одлучува по предлогот, подготвен од Министерството за финансии. Оваа информација со нетрпение ја очекуваат камионџиите, кои веќе неколку месеци бараат укинување на осигурувањето од автоодговорност. Тие го бараат тоа како дел од антикризните мерки кои Владата треба да ги преземе за да им се намалат трошоците на работење. За ова веќе неколку месеци се преговараше и се правеа анализи заедно со Националното биро за осигурување.
Ставка за осигурување од автоодговорност што се плаќа при регистрација на возилата, лани претрпе промени, тогаш имаше намалување кај сите видови на овој тип осигурувања за околу 30 отсто. Сега се оди на варијантата повторно да дојде до нејзино намалување, но во овој случај тоа би важело само за транспортерите, а не и за граѓаните кои патуваат во странство. Едногодишен зелен картон за камиони и автобуси во земјава чини 27.500 денари, со тоа што за приколка се доплаќаат околу 9.500 денари. (С.М.) |