Експертите ја критикуваат владината политика
Намалување на фискалните трошења, како и заштеда на некои владини расходи, заради задржување на одредени работни места во реалниот сектор, треба да бидат одговор на Владата за актуелната криза, препорачуваат странските експерти. Џозеф Брада, професор од Државниот универзитет на Аризона, кризата во Македонија ја гледа како стресна ситуација и не сака да дава конкретни предлози како може да се влијае врз неа. Тој порача дека сепак треба да се види кои се можностите за раст и за влез во ЕУ. Според Брада, потребно е да се обезбеди фискален баланс и надворешна рамнотежа и да се дејствува на итен и сериозен начин. „Постојат ресурси кои и' стојат на располагање на Владата, како што се задолжувањата во странство, па и во Меѓународниот монетарен фонд“, рече Брада за време на промовирањето на студијата „Приближување кон ЕУ: предизвици и можности“.
Оваа студија критикува многу случувања во македонската економија и заради приближување кон ЕУ, препорачува зголемување на приходите, домашните и странските инвестиции. Студијата става посебен акцент на потребата за зголемување на цената на енергијата, на јавните услуги, примена на прудентна макроекономска политика со реформи насочени кон бизнисот.
Според министерот за финансии Трајко Славески, целта на студијата е да се погледне патот кон ЕУ на последните земји што се приклучија на Унијата и ако може однапред да се види и прифати нешто.
„Македонија нема проблем со акцептирањето на стандардите, но прашање е како да стигнеме до тие стандарди? Сепак, тој процес носи низа предизвици од аспект на монетарната, фискалната политика, како и за девизниот курс“, истакна Славески, според кој буџетскиот дефицит и девизните резерви треба да се користат токму за надминување на последиците кои што настануваат од екстерниот шок, како што е кризата. „Земјата што ќе оцени дека сака одговорно да се справи со еден ваков екстерен шок не треба да го прифати принципот на мизерување додека не поминат последиците од тој шок“, изјави Славески.
Тој додаде дека предизвикот на економската политика е однапред да ги определи приоритетите со цел да не дојде до некои трошења што можеле да се одложат или да се откажат целосно. „Тоа значи дека можеме да загубиме дел од девизните резерви, тие затоа служат, не се за да стојат и сите да ги гледаме, следиме и да се радуваме на нив. Резервите, како и во секое домаќинство, се користат во услови на нужна потреба“, вели Славески, според кого дел од буџетскиот дефицит се должи поради откажувањето од наплатата на данокот на добивка, како и поради значителниот пад на ДДВ на увезената стока. (А.С.) |