За микрофинансирање во ЕУ - 100 милиони евра
Европската комисија изготви предлог за формирање ново тело за микрофинансирање, со цел подобро справување со ударот од економската криза. Проектот, пред се', е наменет да ги поттикне граѓаните да започнат сопствен бизнис или, пак, да им помогне на веќе постојните мали бизниси да се издигнат. Кредитите ќе бидат наменети за мали претпријатија кои бројат до 10 вработени, што претставува 90 отсто од сите фирми во ЕУ. Висината на кредитот за една компанија ќе биде максимум 25.000 евра. Комисијата предложи околу 100 милиони евра од постојниот европски буџет да се пренесат на проектот за микрофинансирање. Се очекува сумата да се зголеми и до 500 милиони евра со помош од меѓународни финансиски институции, од кои најголем поддржувач би била Европската инвестициона банка. Резултатот би бил 45.000 заеми во период од осум години.
Комесарот за вработување Владимир Шпидла соопшти дека ова претставува обид за обезбедување можности за нови почетоци на невработените, полесен пристап до кредити и напредок на малите претпријатија. Шпидла додаде дека доколку Европскиот парламент и Советот го одобрат предлогот, средствата ќе им бидат достапни на граѓаните на ЕУ од почетокот на следната година.
ЕУ веќе одреди 19 милијарди евра за Европскиот социјален фонд за да ги помогне погодените од економската криза. Трите приоритети на Комисијата се: одржливост на вработеноста, создавање нови работни места и промоција на мобилноста; надградување на вештините за справување на новите барања на пазарот; зголемување на пристапот до работни места. Предлогот предвидува и 5 милиони практикантски места за младите, со цел нивно обучување за полесно снаоѓање на пазарот на работа. (М.П.) |