Парите од еврообврзницата ќе отидат за плати
Славески не сакаше да прецизира колкав дел од 175 млн евра веднаш ќе бидат претворени во денари
Александрија Стевковска
На сметката на Владата вчера легнаа 175 милиони евра за издадената еврообврзница. Министерот за финансии, Трајко Славески, не сакаше да прецизира колкав дел од парите веднаш ќе бидат трансферирани во денари, со цел да се покријат тековните трошоци на Владата.
Остатокот од парите ќе бидат ставени на трезорската сметка во Народна банка на Македонија за постепено, по потреба, Владата да ги повлекува. Славески, сепак, посочи дека парите веднаш ќе се искористат за исплата на плати, што значи дека да не беа овие пари, државата немаше да може да изврши исплата на личните доходи на администрацијата. Тоа ќе го означеше и официјалниот банкрот на државава.
„Работа е на трезорот при Министерството за финансии да оцени, според потребите што се во тек, колку средства ќе се претворат во денари, со оглед на тоа дека моментно се исплаќаат плати, посебно во министерствата каде што има поголем број вработени. Токму затоа јас не би се фокусирал толку на прашањето колку моментно средства ќе се претворат во денари. Битно е дека девизите остануваат во Македонија“, изјави вчера министерот за финансии.
За него не е спорно надворешното задолжување по висока камата, иако постои можноста за внатрешно задолжување преку државните записи, за кои има голем интерес. Министерот Славески смета дека нема замена за подолгорочното надворешно задолжување.
„Домашното задолжување е краткорочно и капиталот во државата е ограничен колку и да го има. Владата не сака или сака само ограничено да ги користи ресурсите што му стојат на располагање на македонскиот финансиски систем и мислам дека дел од ова задолжување, ос��бено интересот на банките, е од краткорочен карактер. Не знаеме како банките би реагирале после неколку месеци, затоа што и тие се фокусирани на кратки рокови од 3 и 6 месеци. Токму затоа смета дека нема замена за подолгорочното надворешно задолжување“, изјави Славески, според кого Владата ја послушала јавноста, која инсистирала токму на ваков вид задолжување.
Втората еврообврзница во износ од 175 милиони евра државата ја издаде на 1 јули. Таа е со рок на достасување на три и пол години и купонска каматна стапка од 9,87 проценти годишно. Средствата се наменети за непречено финансирање на Буџетот и продолжување на реализацијата на проектите на Владата, а ќе придонесат и за зголемување на девизните резерви на земјава и зачувување на стабилноста на денарот.
Со издавањето на еврообврзницата, јавниот долг на Македонија, кој изнесува 1,721 милијарда евра, односно 25,9 отсто во однос на БДП, ќе се зголеми за 2,9 процентни поени, што е во согласност со Стратегијата за управување на јавниот долг од 2009 до 2011 година.
Еврообврзницата е откупена од инвеститори од Велика Британија (59,9 отсто), од Швајцарија (11,3 отсто), Бразил (8,6 отсто), Австрија (6,9 отсто), Данска (5,1 отсто), Германија (3,1 отсто), Грција (2,9 отсто), Бенелукс (1,5 отсто) и инвеститори од други земји со 0,7 отсто. Главни купувачи 35,8 отсто се друштва за управување со средства, 22,9 отсто се пензиски фондови, инвестициски фондови 18,6 отсто, приватни банки 10,8 отсто, банки 7,6 отсто, осигурителни фондови 3,4 отсто. |