Мајер побара датум за Македонија
Од нашиот известувач Слободанка Јовановска
Брисел - Известувачот на Македонија, Ерик Мајер, ја повикува Европската унија да го забрза процесот на интегрирање на земјата, со оцена дека е жално што три години по добивањето на кандидатскиот статус се' уште нема значаен прогрес во нашето приближување кон ЕУ. Мајер бара од Брисел, исто така, Македонија да не биде жртва на зголемениот интерес за Србија и тоа да биде причина да се забави нашиот процес. Тој, сепак, додава дека треба да се отстранат пречките за напредок и внатре во Македонија, а една од нив е спорот околу името околу кој предупредува дека, ако не се постигне брзо решение, може да резултира со развлекување на нашата евроинтеграција уште за долг период. Затоа тој го поддржува преговарачкиот процес врз основа на предлогот на Метју Нимиц од 6 октомври годинава, особено во дистинкциите меѓу териториите што се нарекуваат Македонија, кои можат да бидат појаснети во меѓународни рамки.
Ова се клучните препораки на Мајер во најновиот извештај за Македонија, кој ќе биде разгледан идната недела на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент. Во него тој дава и оцени за внатрешната политичка ситуација, при што наведува дека во демократии има место за конфликтни мислења меѓу власта и опозицијата и дека не треба да постои страв дека ќе се намали толеранцијата ако мнозинство во парламентот има една политичка партија. Мајер, сепак, забележува на спектакуларните телевизиски апсења на политичари, посочувајќи дека, ако тие не доведат до судски одлуки, можат да ги засилат сомневањата дека се само инструмент за заплашување на политичките противници, па затоа повика да се зајакне владеењето на правото и да се има предвид дека никој не е крив додека не се докаже тоа. Тој оди и понатаму, па бара оние кои јавно изнесуваат тврдења за злоупотреби на власта да го документираат тоа, а властите да го евидентираат, за да не може да се одрекува потоа или, пак, властите да избегнуваат акција. Околу медиумите Мајер сугерира меѓу редови нивна политичка зависност и недоволна слобода, па бара да се избегнува воспоставувањето тесни врски меѓу нив и политичките партии. Неговата оцена за политичкиот дијалог во земјата е позитивна, но индиректна, со ставот дека е за поздравување фактот дека сите партии од власта и о��озицијата се обединети во желбата да ги исполнат критериумите за ЕУ. Тој, исто така, бара да се подобри издавањето на биометриските пасоши во Македонија, а Брисел од своја страна да го укине визниот режим.
За разлика од минатогодишниот извештај, годинава Мајер е порезервиран во барањата, но и во критиките кон Македонија, што се должи на последното искуство, кога поради спорот со името, целиот негов ентузијазам лани пропадна, па извештајот беше менуван во последна минута. Мајер неодамна изјави дека изборите не се доволно добар аргумент за да и' се скрати датумот за преговори на Македонија и дека таа се' уште го заслужува тоа, но во извештајот годинава очигледно надвладеала реалноста, па неговото барање не е во таква категорична форма.
|