Рајс: Името нема да се реши брзо
Вашингтон - Приемот на Македонија во НАТО е во нејзина корист, но и во интерес на Алијансата, на Грција и на Балканот, изјави американскиот државен секретар Кондолиза Рајс на средба со новинарите во Вашингтон. Рајс истакна дека, и покрај настојувањата на САД, прашањето за името нема да биде решено набргу.
„Се надеваме дека прашањето за името ќе се реши. Постојано велиме дека е потребно брзо решение, но очигледно е дека нема да се случи тоа набргу. Но, најважно е дека и двете страни признаваат оти што и да се случува околу прашањето за името, приемот на Македонија во НАТО ќе биде во корист и на Алијансата, и на Македонија, и на Грција, и на Балканот“, рече Рајс. Таа додаде дека нејзиниот заменик Даниел Фрид во соработка со посредникот на ОН, Метју Нимиц, се обидува да се најде компромис и оти САД ќе продолжат да работат на изнаоѓање решение.
Кондолиза Рајс на 2 и 3 декември ќе учествува на министерскиот состанок на НАТО во Брисел, на кој ќе се расправа и за заклучоците од Самитот во Букурешт, кога поради блокадата од Грција, на Македонија не и' беше упатена покана за членство во Алијансата. (МИА) |