Тениски игралишта наместо база на градежни машини
Во Аеродром почна дислокацијата на базата на АДГ„Маврово“ за да се реализира урбанистичкиот план
Деспина Трајковска
На потегот од спортската сала „Јане Сандански“ до мостот „Близнак“, во Аеродром, од вчера започнаа подготовки за реализација на Детаљниот урбанистички план, кој на потегот предвидува изградба на спортско-рекреативен центар. Почна да се дислоцира базата на АДГ „Маврово“, со цел теренот да се подготви за изградба на предвидените содржини.
Планирано е градежните машини и другата оператива ангажирана од Општината во наредниве дваесетина дена да завршат со расчистување на теренот. Потоа, како што најави градоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски, ќе почне изградбата на спортските игралишта. Ќе се градат четири тениски игралишта и едно фудбалско игралиште со монтажна трибина со капацитет од 1.000 гледачи.
Изградбата на терените е заеднички проект на Општината и Агенцијата за млади и спорт. Неговата реализација се очекува да заврши за една година и тоа со средства од Агенцијата и делумно од општинскиот буџет.
„Независно од актуелните состојби, пари за оваа намена веќе се предвидени од буџетот на Агенцијата за млади. Тендерите за изведувач и опремување на терените веќе се завршени, што значи дека изградбата на спортскиот центар ќе започне веднаш по отстранувањето на базата на градежното претпријатие“, изјави вчера Коневски, потенцирајќи дека очекува градежните работи да стартуваат до 15 октомври.
Инаку, се' уште не е утврдено дали терените ќе можат бесплатно да се користат или, пак, ќе се дадат под концесија. За градоначалникот Коневски реализацијата на овој проект и воопшто на ДУП-от значи голем исчекор за Општината, бидејќи ќе се урбанизира потег кој со години беше зафатен од базата на градежното претпријатие, а наместа претставуваше и локација на која се создаваа диви депонии.
„Со реализацијата на планот ќе се исполнат и долгогодишните барања на граѓаните за дислокација на градежната база, која според нив создаваше и секојдневна бучава и прашина, а истовремено го нагрдуваше и просторот до уредениот кеј“, дополни Коневски.
Според урбанистичкиот план, кој беше усвоен минатата недела, на овој потег се предвидува и изградба на спортска сала, сала за хокеј и олимписки базен.
|