Селмани на Бит-пазар и во чаршијата меѓу тезгаџиите и дуќанџиите
Чаршијата е симбол на историјата и симбол на соживотот на скопјани, носталгично забележува Селмани
Светлана Унковска
Кандидатот за претседател на Нова демократија, Имер Селмани, во вторникот попладнето отиде меѓу пазарџиите на Бит-пазар и дуќанџиите на Старата скопска чаршија за лично да ги праша како оди пазарот и како се снаоѓаат трговците во овие тешки времиња. На средбите, тој најчесто можеше да слушне дека се' потешко се заработува денарот, за лошите услови и неможноста да направат нешто повеќе во животот. Селмани вели дека ги разбира, затоа што и самиот како мал продавал на пазарот.
„Среќен сум што можам да ги слушнам пораките од граѓаните без разлика на нивната етничка припадност. Разговарав со сите и ја знам нивната мака, затоа што и јас како мал извесно време поминав тука продавајќи на пазарот. Знам како е да се биде на студено или на многу топло и затоа сум тука“, вели претседателскиот кандидат Селмани, кој заедно со кандидатот за градоначалник за Чаир од редовите на неговата партија, Фатмир Етеми, вети покривање на пазарот, но и обезбедување паркинг-простор за да може луѓето полесно да доаѓаат на пазарот, а со тоа и тие да имаат поголема продажба.
На излезот од Бит-пазар Селмани не го поздравуваа само пазарџиите туку и граѓаните кои дошле нешто да купат, а се слушнаа поздрави и на албански, и на македонски, и на турски. Така беше и при прошетката низ Старата скопска чаршија. Влезе во турскиот ресторан „Искендер“, беше поздравен и од вработените во македонската ќебапчилница „Турист“, а беше поканет и на кафе во Здружението на граѓани за култура „Визиони М“.
„Порано во ова време околу 17 часот имаше многу повеќе луѓе и се' беше поживо. Сега веќе се' се затвора. Мор�� нешто да се направи за да се смени тоа“, беше дел од она што си го кажаа Селмани и вработените од „Турист“. Тој вели дека ревитализацијата на чаршијата за него е еден од приоритетите. „Чаршијата е симбол на историјата, симбол на минатото и симбол на соживотот на скопјани. Но, сега улиците се темни, а граѓаните често пати не се чувствуваат безбедно за да прошетаат тука и веќе со првиот мрак и дуќаните се затвораат“, вели Селмани.
Приквечерната прошетка, Селмани ја заврши со митингот на плоштадот спроти Скендер-бег. Велат дека се одлучиле да застанат понастрана од споменикот, затоа што не сакале повторно да имаат проблеми со членовите на ДУИ, кои им рекле дека тој споменик е нивни. „Некој пред еден месец рече дека Албанец не може да биде претседател на Македонија во 2009, дека договориле во 2013 и затоа ќе ги дале гласовите во вториот круг. Никој не смее да се пазари со гласовите на Албанците“, порача Селмани. Тој рече и дека има капацитет да изгради добри односи со соседите, да ги укине визите и дека негова најголема визија е економскиот развој на земјава.
|